Hamdi Yıldız
18 Октомври 2021•Ажурирај: 19 Октомври 2021
КАИРО
Египетската влада донесе одлука со која од 15 ноември во јавните институции им се забранува влез на државните службеници кои не се вакцинирани против „Ковид -19“, а од 1 декември и на граѓаните, известува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението што го објави египетската влада, одлуката да не се примаат невакцинираните во јавните институции е донесена на состанокот на Високиот комитет за управување со кризата на коронавирус, предводен од премиерот Мустафа Медбули.
На состанокот е одлучено на сите државни службеници кои не се вакцинирани да не им се дозволи да влезат на своите работни места од 15 ноември или услов за влез е ПЦР-тест еднаш неделно.
На состанокот е одлучено и дека невакцинираните граѓани нема да можат да влегуваат во јавните институции од 1 декември.
Во текот на состанокот, министерката за здравство Хале Зајид објави дека досега на граѓаните на Египет им се дадени 31,7 милиони дози вакцини.
Министерката Зајид најави формирање на центри за вакцинација на места во кои се концентрирани поголем број граѓаните, како што се џамиите во петок, црквите во недела, судовите и сообраќајот, со цел да им се овозможи на граѓаните пристап до вакцината.
Од друга страна, министерот за високо образование Халид Абдулгафур информираше дека досега се администрирани 1,2 милиони дози вакцина на универзитетите во земјата.
Според официјалните податоци, досега во Египет од последици на заразеност со Ковид-19 починале 17.926 луѓе.