ДАКА / БАНГЛАДЕШ
Неуспехот на ОН да извршат притисок врз Мјанмар да ги земе назад своите државјани Рохинџи, додека им пружаат хуманитарна помош на оддалечениот остров Басан Чар во Бангладеш, може да го одложи нивниот долгоочекуван процес на репатријација, велат експертите, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ја поздравуваме зголемената хуманитарна помош за Рохинџите без државјанство на островот Басан Чар од страна на ОН, но нивниот неуспех да го принудат Мјанмар да се вклучи во процесот на репатријација и да развие поволна средина во земјата, ќе го одложи нивното достоинствено и мирно враќање назад“, изјави за АА, Амена Мохсин, професорка по Меѓународни односи на Универзитетот во Дака.
По долга дебата, Бангладеш и Агенцијата на ОН за бегалци (UNHCR) на 9 октомври 2021 година потпишаа меморандум за разбирање за хуманитарните услуги на ОН за Рохинџите на островот во јужниот Бенгалски Залив.
Трошејќи над 350 милиони американски долари, Владата на Бангладеш поради меѓународната загриженост изгради 1.400 големи кластерски куќи и 120 повеќекатни циклонски засолништа со 13-километарска брана за контрола на поплавите, што го опкружува островот за привремено преместување на 100.000 Рохинџи.
Во повеќе фази, Владата веќе префрли речиси 20.000 Рохинџи таму, иако неколку стотици од нив го напуштија островот ноќе преку ризични морски патишта користејќи рибарски бродови, загрижени за нивната иднина на островот и неизвесноста за враќање назад.
ОН, исто така, се спротивставија на преместувањето без да се спроведе физибилити студија на островот.
„Досега, Бангладеш не го исполни барањето на ОН и без соодветно решавање на факторите на ризик, договорот на ОН за ангажирање на островот за мене не е транспарентен“, изјави за АА Чаудхури Рафикул Абрар, активист за човекови права и поранешен професор на Универзитетот „Дака“.
Островот, кој излезе од површината на океанот пред само 20 години и се наоѓа на 50 километри од југозападниот брег на Бангладеш и на околу 193 километри јужно од главниот град Дака, е целосно отсечен од копното, без средства за обезбедување помош во случај на природна катастрофа или неповолни временски услови.
„Сè уште не сум сигурен во врска со Басан Чар“, изјави Абрар, додавајќи дека Владата мора да спроведе физибилити студија за да ја утврди погодноста за населување на островот.
За долгорочно решение за ситуацијата со Рохинџите, Абрар понатаму побара од властите во Бангладеш да ги искористат сите дипломатски канали за да убедат барем некои земји, особено најблискиот индиски сосед, заеднички да го принудат Мјанмар да започне мирна репатријација на Рохинџите.
„Меѓународната заедница мора да го обвини Мјанмар за извршување геноцид врз Рохинџите во државата Аракан и да ја принуди земјата да развие внатрешна средина за значајна репатријација. Ако ОН само нагласат олеснување за Рохинџите во Бангладеш, прогонетите луѓе никогаш нема да бидат заинтересирани да се вратат во својата татковина во услови на неизвесност“, додаде тој.
Нарекувајќи го хуманитарниот одговор на ОН кон Рохинџите како „привремена мерка“, Мохсин рече дека е одговорност и на меѓународната заедница „да го направи животот на Рохинџите лесен и поднослив“ во Бангладеш.
Во изјава за АА, лидерот на заедницата Рохинџи на Басан Чар, кој побара анонимност, рече дека без оглед на обезбедените капацитети и кој е вклучен, тие се без државјанство и немаат иднина таму.
„Какви се перспективите на нашите деца со ограничени можности за основно образование? Можеби ќе бидеме посигурни и ќе уживаме повеќе капацитети по присуството на ОН, но без мирна репатријација со права, достоинство и безбедност, нашата следна генерација ќе го загуби својот идентитет“, рече тој.
Во писмен одговор до Агенција Анадолија, портпаролката на УНХЦР во Бангладеш, Регина де ла Портилја, рече дека хуманитарниот одговор за Рохинџите на островот е привремено решение и дека нивниот приоритет е достоинствена и доброволна репатријација.
„Додека бегалците чекаат да се вратат во Мјанмар, УНХЦР има одговорност да ги заштити бегалците Рохинџи каде и да живеат. Затоа, хуманитарниот одговор ќе се прошири и на Басан Чар, на што исто така треба да се гледа како на привремено решение во очекување на доброволно и безбедно враќање во нивната татковина“, рече Портилја.
Осврнувајќи се на нивната желба, таа додаде дека Рохинџите им рекле дека не сакаат ништо повеќе од повторно враќање дома, „но сакаат да бидат сигурни дека тие и нивните семејства ќе бидат безбедни“.
„За одржлива репатријација, меѓународната заедница мора да обезбеди некои фактори“, рече таа, додавајќи дека „обезбедувањето безбедно и одржливо враќање на Рохинџите во иднина ќе бара практични, конкретни подобрувања во Мјанмар, вклучително и укинување на ограничувањата за слободата на движење и уверување за можноста да се вратат во своите села“.
Таа, исто така, ги истакна решенијата за внатрешно раселените Рохинџи кои живеат во камповите во Мјанмар многу години и прашањата како што се „обезбедување јасен пат кон државјанство и демонстрирање посветеност кон правда и отчетност и иднина каде што сите народи ќе ги уживаат основните права и ќе живеат во безбедност и сигурност“.
news_share_descriptionsubscription_contact
