свет, Коронавирус

Германските болници под притисок поради порастот на случаите на Ковид-19

Првпат од мај во Германија се забележани околу 20.000 нови случаи на дневно ниво, а расте бројката на хоспитализирани и смртни случаи

Ayhan Şimşek  | 22.10.2021 - Обновена : 24.10.2021
Германските болници под притисок поради порастот на случаите на Ковид-19

БЕРЛИН (АА) - Бројот на случаи на коронавирусот во Германија забрзано расте поради што болниците во земјата се наоѓаат под огромен притисок, предупредија експертите од Институтот „Роберт Кох“, јавува Агенција Анадолија (АА).

Според податоците на Институтот, пријавени се 19.572 нови случаи на коронавирусот во последните 24 часа, што е најголема бројка на дневно ниво од месец мај.

Вчера регистрирани се 116 смртни случаи поврзани со коронавирусот, додека истиот ден минатата недела се регистрирани 65 смртни случаи.

„Бројот на хоспитализирани и тешко болни достигна критично ниво“, наведуваат од Институтот „Роберт Кох“.

Вчера во болниците се примени околу 725 нови пациенти со Ковид-19, а еден ден претходно, 558.

Во моментот 1.541 лице, тешко заболени од коронавирусот, се лекуваат на одделите за интензивна нега, а 846 лица се на респиратори.

Од Институтот предупредуваат дека бројот на заразени веројатно ќе се зголеми во наредните недели.

„Се очекува дека порастот на случаите ќе се забрза за време на есенскиот и зимскиот период“, рекоа експертите од Институтот.

Здружението ДИВИ за ургентна медицина пријави значајно намалување на бројот на кревети во одделите за интензивна нега, главно поради недостиг на персонал.

Според неговите податоци, од вчера, околу 87,5 проценти од сите кревети на интензивна нега се веќе зафатени.

„Во наредниот период можеме да се соочиме со очигледни недостатоци во системот на медицинска нега“, рече Уве Јансенс од Здружението ДИВИ.

Германските болници моментално имаат околу 22.200 кревети на интензивна нега, што е помалку во однос на 26.500 на почетокот на годината. Недостигот на персонал и понатаму е сериозен проблем, бидејќи многу негуватели поради исцрпеност ја напуштиле работата во текот на пандемијата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.