Furkan Abdula
15 Септември 2021•Ажурирај: 16 Септември 2021
СКОПЈЕ
Во Северна Македонија бројот на вкупно аплицирани дози од вакцините против новиот вид коронавирус (Ковид-19) надмина 1,4 милиони, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Министерството за здравство на земјата, вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација.
„На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 763.965 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.057 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.493 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.411.735 дози вакцини, а ревакцинирани се 647.769 граѓани“, се вели во соопштението.
„Со последните бројки 55 отсто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 30 отсто од населението од 18 до 39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина“, се нагласува во ова соопштение.
Се истакнува дека граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктови низ државата.
„Децата од 12 до 18-годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител“, се наведува во соопштението.
Според ова соопштение, вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата.
„Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста, се намалува шансата од заболување, како и смртен исход од истата“, се додава во соопштението на Министерството за здравство на Северна Македонија.