Ekip
20 Мај 2020•Ажурирај: 20 Мај 2020
СКОПЈЕ / ТИРАНА / ПРИШТИНА
Поради преземените мерки против ширењето на новиот тип на коронавирус (Ковид-19), вратите на џамиите во земјите од регионот се затворени за муслиманските верници кои вообичаено вечерва по повод Ноќта Кадр (Лејлетул Кадр) се собираат во џамиите каде вршат молитви во оваа ноќ која се смета за една од најважните во исламскиот календар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вечерва муслиманите ја слават светата Ноќ Кадр (Лејлетул Кадр) за која се вели дека е подобра од илјада месеци и која се одбележува во 27-мата ноќ од муслиманскиот месец на постот Рамазан.
Огромното мнозинство верници, во нормални услови пред избувнувањето на пандемија, ноќта ја минуваа со молитви и читање на светата книга Куранот во џамиите.
Како и во многу земји ширум светот кои воведоа строги мерки против пандемијата Ковид-19, вклучително и затворање на џамии заради полицискиот час и правила за собирање на повеќе лица, џамиите беа затворени за верниците и во Северна Македонија, Албанија и Косово.
Имамите во многу џамии во Северна Македонија, вклучувајќи го и главниот град Скопје, читаа Куран, додека гласот на имамите се слушаше и наоколу преку звучници на џамиите.
Во некои градови на Албанија, и покрај ограничувањето на движењето на граѓаните во рамките на мерките против Ковид-19, Ноќта Кадр сепак собра мали групи верници во некои џамии во главниот град Тирана, но и во други градови од земјата.
Иако во Северна Македонија и Албанија џамиите се отворени за верниците со применување на посебни заштитни мерки, верниците останаа да се молат во своите домови поради ограничувањето на движењето воведено со полицискиот час.
И верниците во Косово не ја дочекаа Лејлетул Кадр во џамиите како и обично, затоа што тие и понатаму се затворени, како дел од мерките да се спречи ширењето на коронавирусот.
Ноќта Лејлетул Кадр ја одбележуваат сите муслимани во светот како ноќ посупериорна од сите други, ноќ во која започна спуштањето на Божјата објава - Куранот и ноќ „кога се отвораат вратите на небото и се прифаќаат довите (молитвите) и покајанијата“.