Dildar Baykan
14 Декември 2020•Ажурирај: 14 Декември 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп соопшти дека тој и официјалните претставници на Белата куќа, без голема потреба, нема веднаш да се вакцинираат против Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Трамп на Твитер ги коментираше пишувањата на американските медиуми кои тврдеа дека претседателот на САД и персоналот на Белата куќа ќе бидат приоритетна група на почетокот на масовната вакцинација во земјата.
„Персоналот на Белата куќа, без исклучителна потреба, треба да се вакцинира во наредните фази на вакцинациската програма. Барав така да биде. Ни јас не планирам во скоро време да ја примам вакцината, но во догледно време со нетрпение очекувам да се вакцинирам“, напиша Трамп.
Американската агенција за храна и лекови (FDA) во петокот издаде одобрение за користење на вакцината против Ковид-19 која ја развија компанијата „Фајзер“ и нејзиниот германски партнер „БајоНтек“, а истото одобрение вчера го издаде и американскиот Центар за контрола на болести (CDC).
Американскиот министер за здравство, Алекс Азар, во петокот најави дека вакцинацијата во САД би требала да започне веќе во текот на оваа недела.