Barış Seçkin
14 Декември 2020•Ажурирај: 14 Декември 2020
РИМ (АА) - Италијанскиот новинар и писател Корадо Ауџас, критикувајќи го тоа што францускиот претседател Емануел Макрон му го доделил признанието „Легија на честа“ („Legion d'Honneur“) на египетскиот претседател Абдулфетах ес-Сиси, рече дека почесниот медал што го има ќе го врати назад, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ауџас, во неговата колумна објавена денес во „Ла Република“ („La Repubblica“), реагирајќи на тоа што на Сиси му е доделен почесниот француски медал „Легија на честа“, рече: „На 14 декември ќе одам во Француската амбасада за да го вратам почесниот медал. Можам да кажам дека тоа е симболичен, емотивен, но сериозен гест.“
Новинарот Ауџас, потсетувајќи на италијанскиот истражувач Џулио Реџени, кој беше пронајден мртов во Египет пред околу 5 години, нагласи: „Објективно кажано, претседателот Макрон не требаше да му го даде признанието „Легија на честа“ на египетскиот претседател Сиси, кој е соучесник во грозоморни злосторства. Ова го кажувам и за сеќавањето на Џулио Реџени, а исто така и за важноста на ова признание, кое се дава во Франција повеќе од два века.“
Нагласувајќи дека во државната администрација има граници што дури и претседателите на државите не треба да ги минуваат, италијанскиот новинар и писател рече дека Макрон постапил неправедно со доделувањето на ова признание на Сиси.
Ауџас, исто така, праша што направил Сиси за да го заслужи ова одликување и кои се неговите доблести.
Тој наведе дека во инцидентот со Џулио Реџени, египетската администрација, почнувајќи од Сиси, е виновна за кршење на правдата, законите и човековите права.
Во колумната, Ауџас додава дека убиството на Џулио Реџени значи крвава отворена рана и навреда за Италијанците.
Истакнувајќи дека тој многу добро знае како работат деловните и дипломатските механизми, Ауџас рече дека билансот на правдата е нарушен откако на Сиси му е доделен медалот.
Од друга страна, доделувањето на почесниот медал на Сиси во Франција продолжува да биде предмет на критики во италијанските медиуми.
- Убиството на Џулио Реџени -
Џулио Реџени (28), студент на докторски студии на британскиот Универзитет во Кембриџ, исчезна на 25 јануари 2016 година, додека вршеше истражување за работничките синдикати и активистите во Египет, а неговото тело беше пронајдено на патот Каиро - Александрија на 3 февруари.
Маурицио Масари, амбасадорот на Италија во Каиро во тоа време, рече дека на телото на Реџени има траги на тортура. Во медиумите имаше информации дека мајката на Реџени, Паола Дефенди Реџени, го идентификувала својот син по носот.
Резултатите од истрагата за убиството на Реџени, објавени од Јавното обвинителство на Рим на 10 декември, открија важни детали дека младиот италијански истражувач го загубил животот како резултат на тортура и дека се вмешани 4 лица од египетските тајни служби.
Оттогаш, италијанската јавност и властите бараат од египетските власти да појаснат како починал Реџени.
Оваа состојба одвреме-навреме предизвикува тензии во односите Италија - Египет.