Ata Ufuk Şeker
23 Март 2020•Ажурирај: 24 Март 2020
БРИСЕЛ (АА) - Претседателката на Комисијата на Европската Унија (ЕУ), Урсула фон дер Лејен, истакна дека мерките преземени поради новиот вид коронавирус Ковид-19 го парализирале транспортот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во објавата на Твитер, Фон дер Лејен истакна дека мерките што ги преземаат земјите членки на границите за да се спречи ширењето на коронавирусот влијаат негативно врз транспортот.
Истакнувајќи дека особено за време на кризните состојби треба да се овозможи лековите, заштитната опрема и средствата за основните потреби да стигнат до граѓаните, Фон дер Лејен нагласи: „Епидемијата на коронавирусот има огромно влијание врз транспортот во Европа. Мерките преземени за забавување на ширењето на вирусот го забавија транспортот и понекогаш и го парализираа.“
Посочувајќи дека доцнењето на испораката на стока може да предизвика „општ глад“, Фон дер Лејен истакна дека нивниот приоритет е да се обезбеди проток на сообраќај на главните патишта меѓу земјите на ЕУ.
Таа, потсетувајќи дека објавиле препораки за решавање на застојот на границите во земјите, рече дека ланецот на снабдување во Европа е многу интегриран и дека треба да се обезбеди слободно движење на сите стоки.
Фон дер Лејен нагласи дека треба да се формираат зелени ленти за да може транспортерите за 15 минути да ги минуваат границите, и додаде дека мерките што треба да се преземат на границите не треба да го спречуваат движењето на стоката.