Ayhan Şimşek
05 Ноември 2021•Ажурирај: 06 Ноември 2021
БЕРЛИН (АА) - Германија регистрира нови над 37.000 случаи на коронавирусот, означувајќи највисока стапка на заразени на дневно ниво, откако започна пандемијата на почетокот на минатата година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Институтот „Роберт Кох“ потврди 37.120 нови случаи на Ковид-19 во последните 24 часа, пораст од 33.949 случаи кои беа регистрирани вчера (четврток). Пријавени се и 154 смртни случаи како последица на коронавирусот.
Неделната стапка на инциденца во земјата се искачи на 169,9 случаи на 100.000 жители, од 139,2 минатата недела, според официјалните податоци.
Од Институтот кажаа дека случаите најверојатно ќе се зголемат во наредните недели бидејќи луѓето поминуваат повеќе време во затворен простор во зимските месеци, и поради големиот број на невакцинирани луѓе.
Оттаму ги повикаа оние кои сè уште се неодлучни во однос на вакцинацијата, нагласувајќи дека вакцината дава најдобра заштита против Ковид-19.
Апелираат населението да продолжи со хигиенските практики и мерките за социјална дистанца, да носи маска за да помогне во спречувањето на ширењето на вирусот.
Досега, 66,9 проценти од популацијата е успешно вакцинирана против Ковид-19, а колебливоста и скептицизмот за вакцината остануваат голем предизвик за здравствените власти.