Ekipa
05 Април 2021•Ажурирај: 06 Април 2021
ПАРИЗ (АА) - Јавното обвинителство во Париз отвори кривична истрага поради одржувањето тајни вечери во луксузни ресторани со пет ѕвездички на кои присуствувале владините министри, прекршувајќи ги мерките за ограничување воведени поради коронавирусот, и здравствените прописи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обвинителот Реми Хајц ја започна истрагата по емитувањето на вестите на „М6 инфо“ за подземните луксузни забави организирани во Париз. Париската полиција, исто така, отвори посебна истрага по налог на министерот за внатрешни работи, Жералд Дарманин, да ги провери организаторите и учесниците на тајните забави.
Овие вести беа пренесени преку телевизија на денот кога бројот на новозаразени со Ковид-19 надмина 67.794, највисоката бројка на позитивни случаи регистрирана во последните 24 часа оваа година.
Вкупно 5.341 пациент се наоѓаат на единиците за интензивна нега, а бројот на нови смртни случаи изнесува 185.
На вестите се објавени снимки од вечерите со гости кои уживаат во раскош, опколени со врвни готвачи, за цени од 150-500 евра, не почитувајќи ги правилата за носење маски и социјално дистанцирање.
Франција се бори со третиот бран на пандемијата, а рестораните и кафулињата остануваат затворени низ целата земја. Познатата француска угостителска и прехранбена индустрија ги спушти ролетните од октомври за да ги спречи луѓето да јадат во затворени простори и да се стави контрола на ширењето на вирусот.
На снимката има и анонимен извор кој тврди дека ограничувањата и казните изречени од администрацијата на претседателот Емануел Макрон врз рестораните се смешни бидејќи низ Париз се организираат неколку тајни забави на кои присуствуваат и самите министри. Доколку бидат прогласени за виновни, организаторите на ваквите собири може да се соочат со казна до 15.000 евра и казни од 135 евра за оние што учествувале на собирите.