Associated Press
05 Декември 2021•Ажурирај: 06 Декември 2021
БЕРЛИН
Новиот министер за транспорт на Германија ги советува граѓаните да не патуваат во текот на прославата за Божиќ додека земјата се обидува да го стопира бранот на зараза со коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Федералните и државните челници во четвртокот најавија нови построги ограничувања кои претежно се насочени кон невакцинираните луѓе, спречувајќи ги да влезат во трговските центри, рестораните, спортските и културните објекти.
Фолкер Висинг, кого партијата го именуваше за министер за транспорт во новата влада, за весникот „Билд ам зонтаг“ (Bild am Sonntag) рече дека „во сегашната ситуација изгледа поразумно Божиќ да се помине дома со мала група, а не да се планираат големи патувања низ земјата“.
„Зимата 2021 година ќе биде подраматична од зимата 2020 година“, рече Висинг.
Се очекува новата влада под водство на кандидатот за канцелар Олаг Шолц да ја преземе должноста во среда, под услов трите партии што ќе ја формираат да го потпишат својот коалиционен договор и Шолц да ја добие поддршката на парламентарното мнозинство.
Најмалку 68,9 проценти од Германците во целост се вакцинирани против Ковид-19, што е помалку од владината цел за минимална стапка на вакцинација од 75 проценти.
Националниот центар за контрола на болести денес пријави 42.055 нови случаи. Во изминатите 24 часа регистрирани се уште 94 смртни случаи.
Канцеларката во заминување Ангела Меркел во саботата упати последен апел до Германците да се вакцинираат.