Alaattin Doğru
16 Декември 2021•Ажурирај: 17 Декември 2021
АНКАРА
Во Франција, при инспекциските контроли се откриени 11.000 лажни здравствени сертификати за Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин, во изјава за телевизискиот канал „Франс 2“ (France 2) истакна дека инспекциските контроли се зајакнати поради зголемувањето на бројот на случаи на епидемијата на Ковид-19 во земјата.
Дарманин нагласи дека при контролите се откриени мрежи кои издаваат лажни здравствени сертификати за Ковид-19, дека службените лица заплениле 11.000 лажни здравствени сертификати и дека се приведени 400 лица.
Министерот Дарманин, исто така, рече дека нема да бидат поднесени тужби за оние лица кои ја сфатиле својата грешка за приложувањето лажни сертификати за примени вакцини против Ковид-19.
Здравствениот сертификат одобрен од Уставниот совет во Франција на 5 август, а кој стапи во сила на 9 август, потврдува дека лицето има примено вакцини против Ковид-19 за влез во затворени простории со капацитет од повеќе од 50 луѓе, ресторани, кафетерии, кина, музеи и забавни паркови.
Според предвидените мерки, здравствените работници и пожарникарите исто така требаше да се вакцинираат против Ковид-19 до 15 септември.
За оваа практика имаше реакции низ целата земја, со недели се одржуваа демонстрации на кои присуствуваа стотици илјади луѓе.
Најновите податоци покажуваат дека во Франција стапката на позитивни тестови за Ковид-19 се зголеми на 6,7 отсто.
Бројот на заразени со вирусот во земјата изнесува 8.399.846, вкупниот број на починати од вирусот е 120.983.