Servet Günerigök
19 Ноември 2020•Ажурирај: 20 Ноември 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Од февруари, кога за првпат беше потврден смртен случај од последиците на коронавирусот, повеќе од четвртина милион луѓе во Соединетите Американски Држави (САД) починаа од вирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“ забележа 250.029 смртни случаи и 11,4 милиони случаи на заразени, додека 4,3 милиони лица се оздравени.
Соединетите Американски Држави и понатаму се на прво место во светот според бројот на регистрирани случаи на Ковид-19 и бројот на смртни случаи.
Најновата пресвртница се случи откако американската биотехнолошка компанија „Модерна“, американскиот производител на лекови „Фајзер“ и германската фирма за биотехнологија „БајоНТек“ објавија дека нивните кандидати за вакцини се ефикасни повеќе од 90 отсто.
И „Фајзер“ и „Модерна“ оваа недела истакнаа дека нивните кандидати за вакцини биле околу 95 отсто ефикасни во испитувањата во третата фаза.
Американскиот секретар за здравство, Алекс Азар, изјави дека нацијата ќе има околу 40 милиони дози од вакцините против Ковид-19 достапни до крајот на следниот месец.
„До крајот на декември, очекуваме да имаме околу 40 милиони дози од овие две вакцини достапни за дистрибуција во очекување на одобрување од ФДА, доволно за да се вакцинираат околу 20 милиони наши најранливи Американци“, изјави Азар пред новинарите, повикувајќи се на Администрацијата за храна и лекови (ФДА).
Според податоците на „Џонс Хопкинс“, Тексас објави најголем број на заразени, 1.078.875, потоа следуваат Калифорнија со 1.057.245 и Флорида со 905.248.
Во светот досега се регистрирани над 56 милиони случаи на Ковид-19 и 1,34 милиони смртни случаи.