Erbil Başay
31 Мај 2021•Ажурирај: 02 Јуни 2021
БЕРЛИН
Во Германија е започната истрага поради наводни неправилности во тест-центрите за откривање на новиот вид коронавирус (Ковид-19) во кои е вршено бесплатно тестирање со брзи тестови, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста објавена во германскиот печат, некои тест-центри пријавиле кај релевантните органи дека е спроведена поголема бројка на тестови од реалната бројка на спроведени тестирања.
Во веста се наведува дека тест-центрите, без да обезбедат докази, доставувале бројки за спроведени тестирања до соодветните органи и од нив добивале финансиски средства, при што е откриено дека такви неправилности се забележани во градовите Келн, Минстер и Есен и во некои тест-центри во покраината Баварија.
По овие инциденти, германското Обвинителство започнало истрага против некои лица, под обвинение за измама.
Германскиот министер за здравство, Јенс Спан, изјавувајќи дека тест-центрите треба да бидат проверени од локалните здравствени власти, истакна: „Федералната влада ги одредува рамките, Федералната влада ги поставува правилата, Федералната влада плаќа за трошоците, но Федералната влада не може да изврши увид на тест-центрите на самото место.“
Министерот Спан изјави дека денеска по ова прашање ќе разговара со покраинските министри за здравство.
Во тест-центрите, кои станаа широко распространети последните месеци во Германија, граѓаните аплицираат за бесплатен брз ковид-тест со важност од 24 часа, со кој можат да јадат надвор и да влезат во одредени подрачја доколку резултатот од тестот е негативен.
Германската Федерална влада на тест-центрите им плаќа 18 евра по тест, во што се вклучени и материјалните трошоци.