Gamze Türkoğlu Oğuz
19 Ноември 2020•Ажурирај: 19 Ноември 2020
АНКАРА - Истражување покажа дека пушењето, намалувајќи ја реакцијата на имунолошкиот систем, го зголемува ризикот од инфекција со новиот тип коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави „Дејли мејл“ (Daily Mail), научници од Универзитетот во Калифорнија (УКЛА) во лабораториска околина спровеле истражување врз респираторни модели направени од човечки матични клетки, при што откриле дека пушењето го спречува правилното функционирање на клучните молекули на имунолошкиот систем наречени интерферони.
Во оваа студија откриено е дека пушењето предизвика тројно зголемување на бројот на клетки заразени со вирусот.
„Ако дишните патишта ги замислите како високи sидови што ја штитат тврдината, тогаш пушењето наликува на отворање дупки во овие ѕидови. Пушењето ја намалува природната одбрана и дозволува вирусот да се насели“, истакнува д-р Бриџит Гомпертс, членка на истражувачкиот тим.
Во оваа студија се наведува дека интерфероните им кажуваат на заразените клетки да произведуваат протеини кои ќе го нападнат инвазивниот патоген и во исто време ги предупредува неинфицираните клетки да бидат подготвени за вирусот.
Досега имаше контрадикторни извештаи за влијанието на пушењето врз Ковид-19, дури некои студии сугерираа дека пушењето го намалува ризикот.
Турската организација „Зелена полумесечина“ спроведе „Истражување за навиките на пушење и тенденција за откажување“, откривајќи дека пандемијата на Ковид-19 ја зголемила мотивацијата за откажување од цигарите и во последните шест месеци 10% од пушачите се откажале од пушењето.