свет

Повеќето Американци среќни поради загубата на Трамп, отколку поради победата на Бајден

Анкетата спроведена од Универзитетот „Монмаут“ покажa дека мнозинството Американци се уверени дека претседателските избори одржани овој месец се спроведени фер, иако повеќето гласачи на Трамп сметаат дека победата на Бајден се должи на измама

Servet Günerigök  | 19.11.2020 - Обновена : 20.11.2020
Повеќето Американци среќни поради загубата на Трамп, отколку поради победата на Бајден

ВАШИНГТОН (АА) - Повеќето Американци се среќни што претседателот Доналд Трамп не беше реизбран, отколку што се среќни за победата на неговиот ривал Џо Бајден, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Анкетата спроведена од Универзитетот „Монмаут“ во Њу Џерси исто така покажа дека мнозинството Американци се уверени дека претседателските избори одржани овој месец се спроведени фер, иако повеќето гласачи на Трамп сметаат дека победата на Бајден се должи на измама.

„Генерално, нешто повеќе од половина од американската јавност е или среќна (34%) или задоволна (18%) од поразот на Трамп, додека речиси четворица од десетмина се незадоволни (28%) или лути (10%)“, покажува анкетата.

„Исто така, нешто повеќе од половина [испитаници] се или среќни (25%) или задоволни (26%) од победата на Бајден, додека нешто повеќе од четворица од десетмина се незадоволни (29%) или лути (15%)“, покажа истражувањето.

Од гласачите на Бајден, 57% одговориле дека се среќни што нивниот избор победил, но уште повеќе (73%) се среќни што Трамп загубил.

Патрик Мареј, директор на независниот Институт за спроведување анкети при Универзитетот „Монмаут“, рече дека претседателските избори на 3 ноември секогаш биле пред сè за актуелниот претседател.

„Тоа што помислата за неговата загуба предизвикува посилна позитивна реакција од помислата за победата на Бајден е само уште еден пример за тоа“, рече Мареј.

Според анкетата, по изборите сè уште владее длабока партиска поделба.

Шеесет проценти од Американците веруваат дека демократот Бајден имал фер победа на изборите, додека 32 отсто велат дека тој победил само поради направена измама.

Анкетата е спроведена телефонски од 12 до 16 ноември со 810 испитаници, возрасни лица. Резултатите имаат маргина на грешка од +/- 3,5 процентни поени.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.