Ekipa
27 Јануари 2022•Ажурирај: 28 Јануари 2022
ЛОНДОН (АА) - Во Велика Британија денеска се укинуваат рестрикциите поради коронавирусот, а земјата излегува од владиниот план Б за Ковид, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од Владата е соопштено дека се стабилизира бројот на приемите во болниците, дека паѓа бројот на заразени со варијантата Омикрон, а дека продолжува да се намалува бројот на пациенти на интензивна нега со Ковид-19.
Маските веќе нема да бидат задолжителни во затворени простории, ковид-пропусниците веќе не се потребни за големи собири, а канцелариите повторно ќе се отворат во целата земја.
Властите падот на бројот на случаи со Омикрон го припишуваат на успешната акција за вакцинација со бустер дозите, наведувајќи дека тоа го намалило „ризикот од тешки инфекции и хоспитализација, ублажувајќи го притисокот на Националната здравствена служба“.
Бројот на случаи со Ковид-19 нагло опадна во последните две недели, но и понатаму е на високо ниво. Во средата Обединетото Кралство забележа 102.292 нови случаи, а починаа 346 лица.
Владата ги советува граѓаните да избегнуваат големи собири и да продолжат да носат маски на такви случувања.
Маските и понатаму се задолжителни во здравствените установи како што се болниците, домовите за нега и аптеките. Локалните власти можат да препорачаат користење маски во заеднички простории.
„Нашите вакцини, испитувања и антивирусни средства обезбедуваат да ја имаме една од најсилните одбрани во Европа и ни овозможуваат внимателно да се вратиме на планот А, враќајќи повеќе слободи“, рече министерот за здравство.