Ihvan Radoykov
05 Мај 2020•Ажурирај: 05 Мај 2020
СОФИЈА (АА) – Во Бугарија, рестораните, слаткарниците и малите гостилници ги завршија своите подготовки за започнување со работа од 7 мај под одредени услови, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Сопствениците на деловните објекти во главниот град Софија изјавија дека ги презеле сите мерки на претпазливост.
Сопствениците на ресторани најавија дека на излозите од дуќаните ќе стават написи со барање да се намали даночната стапка од 20 на 5 проценти.
Марин Сотиров, потпретседател на Бугарската асоцијација на ресторани (BAZ), рече дека секторот претрпел сериозни загуби и дека на работодавачите треба да им се овозможат некои привилегии.
Сотиров повика да се намали даночната стапка од 20 на 5 проценти.
Вицепремиерот на Бугарија, Томислав Дончев, рече дека на 7 мај рестораните, слаткарниците и малите гостилници ќе започнат да работат под одредени услови.
Наведувајќи дека растојанието помеѓу масите ќе биде 1,5 метри, Дончев рече дека персоналот ќе користи маски и ракавици.
Осврнувајќи се на барањата на работодавачите за намалување на данокот, Дончев нагласи дека данокот од 20 проценти во секторот нема да биде сменет.
Бугарската Влада минатата недела донесе одлука за укинување на вонредната состојба во земјата на 13 мај. Вонредната состојба во државата беше прогласена на 13 март.
Во изминатите 24 часа во земјата регистрирани се 57 нови случаи на Ковид-19, со што вкупната бројка заразени се зголеми на 1.689. Од коронавирусот се излекуваа 342 лица, а починаа 72.