Şenhan Bolelli
25 Април 2020•Ажурирај: 26 Април 2020
МАДРИД (АА) – Во Шпанија, бројот на починати од новиот вид коронавирус, Ковид-19, се зголеми за 378, со што вкупниот број на смртни случаи во земјата достигна 22.902, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство на Шпанија ги ажурираше бројките за Ковид-19 во земјата.
Вчера беа регистрирани 367 починати од Ковид-19, а денес евидентирани се 378 смртни случаи. Бројката од 381 починат што ја објави претходно, Министерството ја поправи на 378.
Највисок број смртни случаи од коронавирусот беа регистрирани на 2 април, кога починаа 950 лица. Оттогаш бројката на починати се намалува. Бројот на лица што починаа за едно деноноќие поради епидемијата од 19 април до денес се движи во опсегот од 367-440.
Министерството, исто така, информираше дека вкупниот број на смртни случаи од вирусот е зголемен на 22.902.
Во текот на последните 24 часа регистрирани се 3.995 нови случаи, со што вкупната бројка на заразени е зголемена на 223.759.
Бројот на пациенти што го победија вирусот се зголеми на 95.708, со 3.353 излекувани во последните 24 часа.
Во Европа, по Италија, најголем број смртни случаи има во Шпанија. Од друга страна, во однос на бројот на регистрирани случаи и излекувани пациенти Шпанија се наоѓа на второто место во светот по Соединетите Американски Држави (САД).
Според статистичките податоци, 20 отсто од случаите на Ковид-19 се дијагностицирани кај здравствените работници, во Италија таа бројка е 10 отсто, а во САД 3 отсто.
Шпанската левоориентирана коалициска Влада поради пандемијата на Ковид-19 на 14 март воведе вонредна состојба, што потоа ја продолжи до 9 мај. Шпанската Влада, која во првата фаза имаше воведено правило со кое децата на возраст од 14 години и помалите краткотрајно можат да излезат на улица само во придружба на еден полнолетен член на семејството, и тоа најдалеку до 1 километар од местото на живеење, планира да ја релаксира малку вонредната состојба од средината на мај.