Ahmet Dursun
25 Април 2020•Ажурирај: 25 Април 2020
АНКАРА (АА) - Бројот на луѓе што починаа од новиот вид коронавирус, Ковид-19, во Иран во последните 24 часа се зголеми за 76, со што вкупната бројка достигна 5.650 смртни случаи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Кијануш Џиханпур, портпарол на иранското Министерство за здравство, за државната телевизија истакна дека во последните 24 часа во земјата од коронавирусот починале 76 лица, а откриени се 1.134 нови случаи.
Истакнувајќи дека бројот на починати од Ковид-19 во земјата се зголемил на 5.650, Џиханпур рече дека вкупниот број дијагностицирани случаи достигнал 89.328.
Портпаролот наведе дека состојбата на 3.096 пациенти заразени со Ковид-19 е критична, и дека досега во земјата се излекувани 68.193 лица.
Како што соопшти, бројот на извршени тестирања за Ковид-19 низ целата земја достигнал 410.075.
- Рохани со предупредување до населението -
Од друга страна, иранскиот претседател Хасан Рохани, кој говореше на состанокот на Националниот одбор за борба против коронавирусот, изјави дека ограничувањата што постепено се намалуваат во земјата во последните неколку дена не значи дека заканата од вирусот е исчезната.
Нагласувајќи ја потребата да се почитуваат правилата за социјална дистанца, Рохани рече: „Преземените чекори и проценките покажуваат дека епидемијата ја контролираме, но, ако се намали свесноста кај граѓаните, не дај Боже, болеста може повторно да дојде до врвот. Тогаш пак ќе мораме да спроведеме ограничувања.“