Fatih Türkyılmaz,Gülsen Yavuz
02 Мај 2022•Ажурирај: 04 Мај 2022
ИСТАНУЛ (АА) - ФАТИХ ТУРКЈИЛМАЗ/ГУЛСЕН ЈАВУЗ -
Јапонецот Али Хироаки Каваниши преминал во ислам додека студирал католичка теологија, а по докторските студии сака да го промовира исламот како вера на мирот и вистината.
Каваниши, кој го завршил своето додипломско образование на Факултетот за католичка теологија на Универзитетот „Дошиша“, за Агенција Анадолија (АА) раскажа дека за време на студиите по теологија имал часови на кои се запознал и со основните информации за јудаизмот, исламот и другите религии и дека исламот го запознал онаков каков што дотогаш не го знаел.

„Мојата приказна за преминување во ислам е интересна. Часовите на факултетот до некаде ми помогнаа во запознавање со исламот. Христијанството не ми ја допре душата. Имав, така да кажам, необјасниво чувство на рамнодушност. Еден ден се разбудив и одлучив да станам муслиман. Тој ден отидов во џамија, без никакво воздржување и консултација. Станав муслиман во вистинска смисла. Свесен сум дека ништо не се случува без волјата на Алах“, рече Каваниши.
Тој во разговор со новинарот од АА рече дека откако станал муслиман, во 2015 година почнал со постдипломски студии на програмата за Цивилизациски студии на Универзитетот „Ибн Халдун“ и дека студирал исламски науки во Истанбулската фондација за истражување и образование (ISAR).
Каваниши, кој во моментот е докторант од областа на теологија на Универзитетот во Тибинген во Германија, кажа дека неговите навики не се смениле многу откако станал муслиман, но дека сега живее значително поздрав живот.

Каваниши нагласи дека науката за келам е многу моќно оружје што ги привлекува луѓето. Истакна дека сака во Јапонија да изучува исламска теологија.
„Во тој поглед, почувствував потреба да ја изучам науката за келамот. Не сум на овој пат само за да стекнам академско звање и да станам академски граѓанин. Како Јапонец, не сум слушнал дека некој работи на полето за исламска теологија во Јапонија и Европа. Тоа за мене е посебна тема. Уживам во тоа. Мојот аспект на гледање на работите е моето богатство. Задоволен сум со сè што Алах ми нуди. Ќе бидам многу среќен ако со придонесот за промоција на исламот во Јапонија направам среќна барем една личност“, рече Каваниши.
Каваниши исто така рече дека многу ја сака турската храна и додаде дека авантурата во учењето турски јазик е многу поучна и дека прецизноста на турските изрази е многу импресивна.