Adam Abu-bashal
06 Мај 2022•Ажурирај: 10 Мај 2022
КАНО (АА)
- АДАМ АБУ БАСХАЛ
Историската чаршија „Курми“ во градот Кано кој е еден од античките градови на Нигерија, опстојува веќе долги години, пишува Агенција Анадолија (АА).
Чаршијата „Курми“ има важна улога во трговската рута на Западна Африка. Таа веќе стотици години е една од најчесто посетуваните од страна на бројни трговци не само од Нигерија, туку и од соседните земји како Нигер, Чад и Камерун.
Основана е пред околу 600 години, а во минатото била користена како место за купување и продавање робови.

Во денешно време, чаршијата е место каде што се продаваат разни производи - храна, текстил, традиционални стоки и украси.
Во оваа чаршија се наоѓаат стотици дуќани кои се распоредени меѓу нејзините тесни улички.
На секоја уличка во оваа историска чаршија на Нигерија се продаваат одредени производи. На некои улички се продаваат зачини, а на некои, традиционална облека и накит.
Чаршијата „Курми“ денес е меѓу најпосетуваните места од страна на бројни домашни и странски туристи.

Раководителот на чаршијата „Курми“, Алхаџи Абдулахи Маикано, за АА изјави дека оваа чаршија била основана во 15 век.
Маикано нагласи дека во минатото, трговијата во оваа чаршија се вршела по пат на размена, додека, рече тој, во денешно време чаршијата е посетувана од страна на трговци од различни африкански земји.
„Чаршијата е обновена во 1926 година од страна на тогашниот емир на Кано, Абдулахи Бајеро“, рече Маикано, додавајќи дека Бајеро изградил дуќани во неа.
