Fatma Esma Arslan
16 Април 2023•Ажурирај: 18 Април 2023
ДАКАР (АА) - Припадниците на христијанската заедница во Дакар, главен град на Сенегал, им поделија ифтар на своите соседи муслимани, вечерен оброк со кој муслиманите го прекинуваат рамазанскиот пост, јавува Анадолу.
Акцијата ја организираше христијанското здружение „Рака на срцето“, кое дејствува во Сенегал.
Христијанската младина, во рамките на акцијата, им подели ифтар на муслиманите што се состои од вода, урми, сендвич и кафе. Во акцијата поддржана од голем број невладини организации поделени се околу 4.000 ифтарски оброци.
Елхаџ Фалоу Диоп, кој случајно минувал на улицата за време на ифтар, рече дека бил импресиониран од овој прекрасен гест на христијанската заедница кон муслиманите.
„Бев малку изненаден, но и среќен кога дознав дека луѓето што делеа ифтар, всушност, се христијани. Ова е традиција што треба да ја продолжиме и показател дека сме наследиле прекрасно наследство од нашите предци“, рече Диоп.
Ефрем Манга, еден од младите луѓе што делеа ифтар, рече дека е важно да се промовира културата на заеднички живот наследена од предците.
„Во рамките на здружението 'Рака на срцето' веќе третпат делиме ифтар. Христијаните и муслиманите живеат во мир во нашата земја. Ние, како католичка младина, сакавме да направиме убав гест кон нашите браќа муслимани. Сите треба да придонесеме за да ја зачуваме оваа атмосфера на единство и солидарност“, нагласи Манга.
Околу 96 отсто од 17,9 милиони жители на Сенегал се муслимани, а 3,3 отсто се христијани.