Behlül Çetinkaya,Zuhal Demirci
16 Април 2023•Ажурирај: 18 Април 2023
ЛОНДОН (АА) - Стотици луѓе се собраа синоќа (сабота) на стадионот „Вембли“ во Лондон, Велика Британија, на ифтар од отворен карактер, за време на светиот муслимански месец Рамазан, јавува Анадолу.
На ифтарот организиран од проектот „Рамазански шатор“, наградувана добротворна организација основана во 2013 година, присуствуваа околу 1.000 луѓе.
Амбасадорот на Туркије во Велика Британија, Осман Корај Ерташ, и Абди Аден, градоначалникот на Брент, беа меѓу присутните.
Ерташ ги пофали отворените ифтари, велејќи дека проектот дава порака за почит кон различностите.
Во однос на рамазанското светлосно украсување на Пикадили, кое се случи првпат во Лондон, рече дека носи силни пораки што допираат до милиони луѓе.
Ерташ им се заблагодари на Британците за нивните донации и кампањи за собирање средства за погодените од разорните земјотреси што ја погодија Туркије на 6 февруари.
Селекторот на англискиот фудбал Герет Саутгејт упати видеопорака по повод Рамазан што се прикажа на ифтарот.
По ифтарот се одржа панел со групата „Фудбал за мирот“ со учество на поранешниот фудбалер Мајкл Чопра, поранешната фудбалерка на женската фудбалска репрезентација на Англија, Рејчел Јенки, и претставници на Англиската фудбалска асоцијација.
Панелистите изразија сочувство за погодените од земјотресот во Туркије.
Ифтари од отворен карактер се одржуваа на различни стадиони на фудбалските клубови од Премиер лигата за време на Рамазан, како на Челси, Астон Вила, Брајтон и Хов Албион.
Рамазан започна на 23 март, а ќе трае до 21 април - првиот ден од празникот Рамазан Бајрам, што го означува крајот на светиот месец на постот.
Проектот „Рамазански шатор“ има цел „да ги зближи заедниците и да го шири духот на светиот месец преку различни иницијативи“.