Ekipa
06 Февруари 2019•Ажурирај: 07 Февруари 2019
КАИРО (АА) - ЕСМА АХМЕД -
Во Египет, земја во која во мали количини и многу ретко паѓа дожд, а камоли снег, тешко е да се очекува да постои место што ги привлекува љубителите на скијањето и бордањето, пишува Anadolu Agency (AA).
Земјата која е позната по пирамидите и фараоните, во последно време работи на промоција и унапредување на пустинскиот туризам. Египѓаните се досетиле пространите пустини, песочни дини и долините да ги искористат за скијање и така да ги привлечат авантуристите.
Фајум е град познат по пустините и долините, и како таков е една од значајните туристички дестинации во земјата. Еден од најпространите паркови на природата во Египет се наоѓа токму во овој град. Сепак, во последно време Фајум важи и за популарно место во кое е можно да се скијате и во пустината.

Иако скијањето асоцира на снег и уживање во убавините на зимата, многу земји во последно време настојуваат да понудат нешто ново - скијање во пустина. Спортистите што се одлучуваат снегот да го заменат со песок истакнуваат дека тоа е едно уникатно искуство.
Песочните дини во долината Ал Рајан станаа еден од синонимите за скијање во пустина, што привлекува илјадници авантуристи од целата земја и пошироко. Многу странски и домашни туристи ја користат можноста за овој уникатен вид забава.
За скијање низ песочните дини се користат скии или борд направен од плоча од посебен материјал покриен со восок.
Во скијањето во пустината ужива и студентот Мухамед Али, кој вели дека зимскиот период е најпогоден за скијање и бордање, бидејќи летните температури во долината Ал Рајан се превисоки.
Но, секој месец доаѓа со пријателите на скијање или бордање во пустината.
Нагласи дека цените за скијање во пустината се многу ниски. Всушност, за скијање е потребно да се одвојат околу пет египетски фунти (околу 0,25 евра), а влезницата за долината Ал Рајан чини десет фунти (околу 0,50 евра).