Ekipa
21 Јануари 2022•Ажурирај: 24 Јануари 2022
НАИРОБИ (АА) - Редок случај на раѓање на слончиња близнаци го воодушеви семејството Виндс II во Националниот резерват Самбуру, Кенија, јавува Агенција АНадолија (АА).
Близнаците се второроденчиња на нивната мајка. Мајката Бора има постаро младенче кое е родено во 2017 година и сега сите живеат заедно.
Иан Даглас Хамилтон од невладината организација „Спасете ги слоновите“, кој ги документира раѓањата, за АА изјави дека во светот на слоновите, близнаците се многу ретки и дека сочинуваат околу еден отсто од сите раѓања.
Хамилтон рече дека повеќето од раѓањата на близнаци слончиња во светот се случуваат во дивината и луѓето никогаш не ги гледаат.
„Ретко се пријавуваат вакви случаи. Во сите досегашни случаи кога слоница во Кенија родила близнаци, едно од бебињата угинувало, бидејќи тоа е голем стрес за женката. Тоа е затоа што таа мора да произведува доволно млеко и кога ќе се родат слончињата, тие се прилично слаби“, објасни Хамилтон.
Раѓањето на близнаци било забележано само еднаш во Кенија во 2006 година, но и двете младенчиња угинале веднаш по раѓањето во Националниот резерват Шаба.
„Добрата работа е што овие бебиња, кои се родени во понеделникот, на свет се дојдени во сезоната на дождови и кога има многу зеленило, што значи дека мајката ќе може добро да се храни и да произведува млеко, па затоа сме внимателни оптимисти дека родените бебиња ќе преживеат“, додаде Хамилтон.
Африканскиот слон има најдолг период на гравидитет од сите живи цицачи, околу 22 месеци, а женките раѓаат речиси на секои четири години.