Ekipa
28 Ноември 2017•Ажурирај: 29 Ноември 2017
РАМАЛА (АА) - Махир еш-Шафи, 29-годишен Палестинец со оштетен вид, посакува да се развие во областа на музиката, со која се занимава од детството, со цел да стане уметник познат во светски рамки, пишува Anadolu Agency (AA).
Поради неговиот талент и специфичната состојба, пријателите на Шафи го споредуваат со познатиот египетски музичар Сејид ел-Микави. Тој со инстументите уд, оргули и сo виолина изведува песни на арапски музичари.
Шафи заедно со своето семејство живее во градот Бире во близина на Рамала. Тој истакнува дека неговиот музички талент бил откриен на четиригодишна возраст, од страна на неговиот татко.
Младиот Палестинец нагласува дека неговото семејство му дава поддршка во неговата музичка обука. „Зад моите успеси стои моето семејство. На шестгодишна возраст научив да свирам оргули, а на осумгодишна возраст зедов обука за виолина во Националниот музички конзерваторијум 'Едвард Саид', при Универзитетот 'Бирзеит'“, рече Шафи.
Тој истакнува дека со длабока страст е поврзан со арапската музика, и затоа научил да свири на инструментот уд, а исто така нагласува дека посакува да стане прочуен музичар и композитор во светски рамки.
„Сонувам да бидам славен музичар како Мухамед Абдулвехав, Зекерија Ахмед и Ријад ес-Сунбати. Моите пријатели и блиски ме нарекуваат 'Сејид Микави од Палестина'. Се гордеам со тоа. Се надевам дека ќе оставам белег во широкиот музички свет“, додаде тој.
- „Не се храни стомак со музика“ -
Младиот Палестинец пренесе дека иако со страст е врзан за музиката, своето високо образование го продолжува во друга насока, поради животните услови. „Во арапските земји, стомакот не се храни со музика, треба човек да се занимава со друга професија. Затоа, завршив високо образование за преведувач на англиски јазик на Универзитетот 'Бирзеит', а не во областа на музиката. Сѐ уште немам работа“, вели Шафи.
Тој раскажува дека за време на неговите универзитетски студии учествувал на различни локални и меѓународни активности во Тунис, Шведска, Египет, Јордан како и во Либија. Исто така, додава дека студиите во областа на музиката сака да ги продолжи на Универзитетот „Вилијам Патерсон“ во САД.
Шафи вели дека во музиката нема разлика дали можеш да гледаш или не, важно е да се има талент. „Еден од нашите професори во Музичкиот консерваториум 'Едвард Саид' ни рече дека еден студент по музика треба да ја свири музиката од своето срце за да ја земе дипломата. Јас тоа го правам од моето детство“, додаде палестинскиот музичар со оштетен вид, Махир еш-Шафи.