Ekipa
29 Ноември 2017•Ажурирај: 30 Ноември 2017
АДИС АБЕБА (AA) – Селеџхи Тесема/Туфан Акташ - Витлеем Тилахун (37), жена-претприемач од Етиопија, пред 13 години започнала со производство на еколошки обувки, а денес своите производи ги извезува во 50 земји.
Таа почна да изработува чевли од стари камионски гуми и кожа во работилница во една населба во главниот град Адис Абеба, а нејзиниот бренд „soleRebels“ денес е познат ширум светот.
Оваа мајка на три деца е добитничка на бројни награди и признанија.
„Ние не ги продаваме производите, ние ја продаваме приказната“, рече Тилахун за Anadolu Agency (AA) додавајќи дека нивната приказна почнала во населбата чие население паднало во безнадеж поради сиромаштијата и невработеноста со кои се соочуваат.
Таа раскажа дека по школувањето почнала да размислува како да ја искористи креативноста на уметниците и постоечките материјали и да ги претвори во нов производ, во нова надеж и работа.
Инспирацијата за нивните производи биле традиционалните обувки „барабасо“ и „селате“, направени од стари гуми.
Овие традиционални обувки ги носеле бунтовниците против окупаторските италијански сили, што придонело за името „soleRebels“ - „единствени бунтовници“.
„Идејата за овие обувки беше поттикната од потребата јас и луѓето од мојата околина да добиеме можност за работа, а идејата произлезе од старите гуми“, рече таа.
Фирмата на почетокот имала пет вработени, денес има над 200, а планираат да вработат уште 200 лица.
Бизнисот го започнале со мала сума парични средства, кожа, рециклиран материјал и гуми.
„Луѓето чудно нѐ гледаа кога се појавивме на глобалниот пазар. Поединци нè прашуваа зошто почнуваме произвство на обувки кога немаме што да јадеме во Етиопија“, се присетува таа.
Тилахун истакна дека преку интернет продаваат обувки во 50 земји низ светот, а свои продавници имаат и во Јапонија, Сингапур, Тајван, САД, Грција, Шпанија, Австралија и Швајцарија.
Секој нареден ден има сѐ повеќе нарачки, а во блиска иднина имаат намера да отворат фабрика во која ќе произведуваат модели, кои ќе бидат комбинација на традицијата и сериското производство.