Mustafa Yılmaz
21 Август 2018•Ажурирај: 23 Август 2018
БУРСА (АА) - МУСТАФА ЈИЛМАЗ -
Хотел за мачки кој е отворен во Бурса, Турција, нуди стандардни, луксузни соби и апартмани за домашни миленичиња кои сопствениците немаат каде да ги остават за време на годишните одмори и бајрамските празници, пишува Anadolu Agency (AA).
Хотелот со капацитет од 32 соби, во текот на бајрамските празници е целосно пополнет. Сопствениците кои ќе изберат апартмани за мачки, своите миленичиња можат да ги следат 24 часа на ден, преку надзорните камери вмрежени по пат на апликација на мобилните телефони.

Цената варира од 30 до 50 лири (околу 7 евра).
Ветеринарот Кемал Куруоглу, кој воедно е и сопственик на хотелот, изјави дека од 2008 година води продавница со опрема за домашни миленичиња и ветеринарна поликлиника.
Тој додаде дека долго време ги истражувале трендовите во странство и во земјата, со цел за мачките и за нивните потреби да приспособат простор во кој тие можат да престојуваат додека нивните сопственици се на пат.

Куруоглу истакна дека сите соби се со иста големина, но дека содржините во нив се различни.
„Во собите од 50 лири има повеќе простор за играње, а има и камери кои истовремено ги покриваат сите агли. Кога сопствениците се на пат, преку овие камери можат да ги гледаат своите миленици. Во собите од 40 лири нема камери, има помалку простор за играње, но имаат мрежа. Во собите од 30 лири нема камера ниту мрежа, а и просторот за игра е помал“, појасни Куруоглу.
Тој истакна дека ветеринари секојдневно вршат контрола, посветувајќи посебно внимание на здравјето на мачките.

„Секој ден редовно се менуваат храната, водата и песокта. Ги поттикнуваме и сопствениците оддома да донесат предмети, со цел мачките повеќе да уживаат во просторот во кој ќе можат да почувствуваат и познат мирис“, нагласи тој.
Мачките во хотелот се сместуваат по резервацијата и комплетниот лекарски преглед во ветеринарната поликлиника, по доаѓањето во хотелот.
„Неколку соби се празни, но тие веќе се резервирани, така што моментално не можеме да примаме нови мачки. Побарувачката е голема, чувствуваме како да пополнуваме еден постоечки недостаток“, рече Куруоглу.