Efsun Yılmaz
14 Септември 2016•Ажурирај: 15 Септември 2016
ИЗМИР (АА) - ЕФСУН ЈИЛМАЗ - Во дворот на семејната куќа, во близина на градот Чешме, бизнисменот Мехмет Али Ѓокчеоглу изградил аквариум со морски риби долг 50 метри, јавува Anadolu Agency (AA).
Инженерот за карти и геодет Ѓокчеоглу, со цел да го гледа морето, пред 10 години во сопствениот двор во селото Фенербурну направил „Палата за риби“.
Откако ги урнал ѕидовите од дворот, Ѓокчеоглу поставил два аквариума во должина од 50 метри. Во аквариумите, преку посебни канали донел морска вода, по што во аквариумите пуштил морски риби.

Во аквариумите на Ѓокчеоглу живеат морските риби ципура, леврек, јагули, октопод, зракоперка и други видови, за кои тој со години се грижи. За да ги спречи крадците, околу аквариумот и куќата поставил 17 камери.
За овој аквариум, кој го посетиле илјадници луѓе, меѓу нив и новинари од Јапонија, се грижат Ѓокчеоглу и еден чувар. Ѓокчеоглу вели дека во десетгодишното постоење на аквариумот, за нега и хранење на рибите потрошил околу 210 илјади евра.
Месечната сметка за струја изнесува околу 1.400 евра, изјави Ѓокчеоглу, додека обезбедувањето и хранењето на рибите достигнува и од 3.000 евра. Ѓокчеоглу истакна дека иако се мачи поради високите трошоци за „Палатата за риби“, сепак одржувањето на аквариумот го гледа како „јавен сервис“ кон посетителите.
- Во аквариумот има риби стари осум години -
Мехмет Али Ѓокчеоглу раскажа дека еден ден, додека седел во дворот, почувствувал непријатност од ѕидот што ја обиколува куќата и посакал да го види морето.
Ѓокчеоглу додаде дека уште од своето детство посакувал дворот да му биде ограден со аквариум во кој би ги набљудувал рибите што многу ги сака.
„Посакував морето да биде издвоено и јас да го набљудувам животинскиот свет во него. Намерата за изработка на овој аквариум беше создавање на вистински морски пејзаж, но денеска ‘Палатата за риби’ од страна на Јапонија и од повеќе европски ТВ-канали е прикажана како една од најинтересните куќи во светот“, рече Ѓокчеоглу.
Аквариумот што ја обиколува куќата и во кој се наоѓаат 400 риби, секој ден е посетен од околу илјада луѓе. Некои од посетителите пишуваат писма и ги фрлаат во дворот како „благодарност“, рече Ѓокчеоглу и ја даде следната проценка:
„Деведесет и девет отсто од посетителите зборуваат позитивни работи и се заблагодаруваат. Овие риби се одгледуваат со намена да бидат изложени. Во аквариумот има риби од Егејското Море. Нѐ прашуваат ‘Не ги јадете?’. Јадењето на рибите е забрането. Во аквариумот носиме морска вода што ја земаме на оддалеченост од 400 метри од крајбрежјето и на длабочина од 50 метри. Во спротивно, не е можен опстанокот на рибите во аквариумот. Третманот на рибите е многу тежок и ги надмина моите можности. Аквариумот речиси стана јавна сопственост. Трошоците се многу големи. Тој стана јавна сопственост и се обидувам да опстанам. Ако ги тргнеме услугите кон луѓето настрана, трошоците за одржување на една риба ја надминува сумата од 6.000 евра“.

Ѓокчеоглу рече дека проектот за морскиот аквариум го започнал под мотото „Љубов кон човекот и природата“. Тој истакна дека имало крадци кои сакале да му ги украдат рибите стари 8 до 10 години, но дека ги преземал потребните мерки за да го спречи тоа.
Ѓокчеоглу вели дека досега имал повеќе понуди да ја продаде „Палатата за риби“. Една од понудите изнесувала 1.750.000 евра, но истакна дека сите понуди ги одбил.
- Во аквариумот има октопод и риба зракоперка -
Морскиот аквариум привлекува особено внимание кај посетителите. Ипек Сарајли, која во селото Фенербурну дошла со семејството за да го посети аквариумот, изјави дека аквариумот е прекрасен, но дека најмогу му се израдувале децата.
Според Сарајли, интересен е фактот што водата во аквариумот се носи од морето.
„Вечерва планиравме да јадеме риба, но откако го посетивме аквариумот и уживавме во глетката на јатата риби, децата се откажаа од рибата за вечера“, рече Сарајли.
При посетата на „Палатата за риби“, најголем интерес кај посетителите предизвикуваат октоподот и рибата зракоперка.