Sabri Yıldırım
13 Септември 2016•Ажурирај: 14 Септември 2016
МУШ (АА) - Радост и убавина на секој празник, па и за Курбан Бајрам, е собирањето на семејството. За 111-годишниот Зубејр Бакир, од источниот турски град Муш, Бајрам е посебна радост, бидејќи тогаш го посетуваат неговите 110 внуци, пишува Anadolu Agency (AA).
Зубејр Бакир живее во селото Кепенек, во близина на градот Муш. Има 111 години, седум деца, 110 внуци и пет правнуци. Како и претходно, дедо Бакир и овој Бајрам го помина во кругот на семејството.
На новинарот на АА му рече дека е среќен, бидејќи неговите деца и внуци овој Бајрам дошле да му бакнат рака.
- Со сопругата живеел 76 години -
Тој истакна дека пред 13 години починала неговата сопруга, Назире Бакир, со која поминал во брак 76 години.
„Полни 76 години живеевме заедно. За жал, мојата сопруга почина во својата 90-та година. Имавме убав живот, многу се сакавме. Сега живеам со децата и внуците. Имам седум деца, 110 внуци и пет правнуци“, изјави Бакир.
Тој додаде дека семејството го хранел занимавајќи се со земјоделство и со сточарство, и дека долгиот и здрав живот се должи на здравата исхрана.
Неговиот најмлад син, 51-годишниот Мухитин Бакир, изјави дека неговиот татко е во многу добра здравствена состојба.
„Иако има повеќе од 100 години, сите потреби ги извршува сам. На Бајрам се собираме сите и тогаш е многу среќен, исто како и ние“, изјави синот Мухитин.
- Дедо на целото село -
На Бајрам кај дедо Зубејр не доаѓаат само неговите деца и внуци, туку и соседите.
Претседателот на месната заедница, Нуретин Арслан, изјави дека Зубејир е всушност дедо на целото село.
„Тој е најстариот жител на нашето село и поради тоа го почитуваме сите. Често го посетуваме и во тогаш ни зборува за неговиот живот“, изјави Арслан.
Зубејр Бакир има 110 внуци, а една од причините за тоа е што некои од неговите деца зад себе имаат повеќе бракови.