Sefa Mutlu
29 Декември 2017•Ажурирај: 01 Јануари 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Дениз Шишман е машински инженер кој во своето ателје одгледува ретки видови риби и корали. Рибите кои ги увезува од океаните и морињата ги одгледува во затворени базени, јавува Anadolu Agency (AA).
Шишман одгледува видови на риби кои се под закана на исчезнување, подготвувајќи им природна средина за живот. На едниот кат од своето ателје Шишман поставил инкубатор каде ги лекува болните риби. Истовремено на тој кат, рибите кои ги донел од странство ги поставува во затворени базени со цел да се навикнат на новата животна средина.

Шишман, одговарајќи на прашањата на новинарот на АА, истакна дека своето хоби го започнал со одгледување на слатководни риби, додавајќи дека од секогаш посакувал да одгледува животни од морските води.
Шишман рече дека со тек на времето го проширил своето хоби. „Потоа започнав да истражувам. Од странство донесов книги и се обидов да ги совладам деталите. Потоа во 1991 година создадов тропски морски аквариум. По започнувањето на мојот професионален ангажман како машински инженер, чувањето риби го продолжив како хоби. Оние кои ќе го видеа мојот труд, ми велеа 'Траба да ја работиш оваа работа', обидувајќи се да ме мотивираат. По извесен период, моето хоби почна да станува моја преокупација. Престанав со мојата работа како машински инженер и во потполност ѝ се посветив на работата околу аквариумите. Тежиштето на работата го префрлив на производството. Увидов дека производството е значајно и за природата и за продолжување на моето хоби”, рече Шишман.

Шишман рече дека своето хоби со морски аквариуми го започнал со рибата од видот кловн, додавајќи дека за да прејде во производство на овој вид риба му биле потребни 10 години.
Тој наведе дека освен тоа што во тој период имало мал бројот на извори на информации, многу мал бил и бројот на оние кои ги произведувале овој тип риби, истакнувајќи дека во почетокот имал големи потешкотии во развивањето на процесот на производство.

„Потоа започнав да се занимавам и со корали. Сите видови во морските аквариуми кои можете да ги забележите се тука одгледани. Почнав да го земам потребниот материјал за време на моите патувања во странство. Благодарение на распространувањето на интернетот, преку форуми успевам да разменувам идеи со луѓето кои се занимаваат со оваа работа како хоби или професија”, рече Дениз Шишман.