Deniz Açık
29 Август 2017•Ажурирај: 30 Август 2017
ЕСКИШЕХИР (АА) - Во соработка на филијалата на Националната турска асоцијација на студенти (MTTB) во Кајсери и студентите од факултетот за инженеринг при Универзитетот во Ерџијес, изработен е автомобил на електричен погон, именуван „MTTB-Dava“, чија презентација се одржа во Ескишехир. Покрај новиот автомобил на електричен погон, во специјален стаклен излог беше поставен првиот домашен автомобил произведен во Турција, „Devrim“, јавува Anadolu Agency (AA).
Студентите го изработија автомобилот на електричен погон „MTTB-Dava“ за учество на „Натпреварот за возила на погон на алтернативни енергетски извори“, кој ТУБИТАК го организираше од 21 до 27 август, а овој модел беше поставен покрај автомобилот „Devrim“, кој е првиот домашен автомобил произведен во Турција од страна на турската компанија за локомотиви и моторна индустрија „TÜLOMSAŞ“ (Туломсаш).
Претседателот на филијалата на „MTTB“ (МТТБ) во Кајсери, Акин Kаја, пред новинарите соопшти дека нивниот проект е можеби мал чекор, но сепак проектот во согласност со барањата на претседателот на Турција, Ердоган, за изработка на домашен автомобил.
Каја истакна дека стекнале искуство во производството на автомобил на електричен погон и додаде:
„Развивајќи го автомобилот на електричен погон, наречен 'MTTB-Dava', сакаме на соодветен начин да ја претставиме во реалноста можноста за негова употреба во секојдневниот живот, и по автомобилот 'Devrim', сакаме да го претставиме автомобилот во кој се вградени 100 отсто национални производи. Истовремено, сакаме да покажеме дека можеме да бидеме дел од автомобилската индустрија во производството на домашен автомобил. Му се заблагодаруваме на претседателот Реџеп Таип Ердоган, за неговиот интерес што го покажа за нас и нѐ охрабри во спроведувањето на нашиот проект. Благодарност упатуваме и до претседателот на Парламентот, Исмаил Кахраман, премиерот Бинали Јилдирим, министерот за наука, индустрија и технологија, Фарук Озлу, генералниот претседател на „MTTB“, Емрах Карајел, Генералниот директорат на претпријатието за електрични трамваи и тунели Истанбул, кое е дел од општина Истанбул, и сите останати институции и организации кои нѐ поддржаа во остварувањето на овој проект.
Учесниците на промоцијата се фотографираа со презентираниот автомобил „MTTB-Dava“ и со историскиот експонат „Devrim“.