економија

Централниот регистар домаќин на светските експерти од областа на бизнис-регистрите

Шеснаесеттата Годишна конференција на Форумот ја отвори премиерот Зоран Заев, кој истакна дека иницијативите за регионално и меѓународно поврзување што ги преземаат Северна Македонија и Централниот регистар

Husamedin Gina  | 08.04.2019 - Обновена : 09.04.2019
Централниот регистар домаќин на светските експерти од областа на бизнис-регистрите

СКОПЈЕ (АА) – Претставници на корпоративните деловни единици од над 60 земји и повеќе од 160 делегати од цел свет ќе ги споделат светските практики поврзани со функционирањето на корпоративните системи за регистрација на бизнис на Годишната конференција на Форумот за корпоративни регистри, која од денеска до четврток ќе се одржува во Скопје и Охрид, јавува Anadolu Agency (AA).

Шеснаесеттата Годишна конференција на Форумот ја отвори премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, кој истакна дека иницијативите за регионално и меѓународно поврзување што ги преземаат Северна Македонија и Централниот регистар, домаќин на Форумот, имаат заедничка цел, а тоа е развој на Северна Македонија на глобално ниво. 

„Како стожер во креирањето на деловната клима во земјата и промотор на дијалогот помеѓу приватниот и јавниот сектор, Централниот регистар прерасна во електронски сервис на деловната заедница и граѓаните на Северна Македонија“, нагласи премиерот Зоран Заев, додавајќи дека Централниот регистар претставува значаен инпут во формулирање на барањата преточени во реформските иницијативи и политики на Владата насочени кон зголемување на растот на стопанството. 

Марија Бошковска-Јанковски, директорката на Централниот регистар на Република Северна Македонија, истакна дека на многу места во светот, вклучително и овде и во Источна Европа, интензивно се бараат модели за прекугранично поврзување на регистарските институции, со цел да се поддржат компаниите за инвестирање и извезување на нивните производи на странските пазари. 

„Во време кога за светот се нарекува дека е глобално село, бизнис-регистрацијата е исклучително затворен процес. Почнуваме со размена на квалитетни, официјални податоци, но размислуваме и разговараме за сè она што може ние како регистри, како јурисдикции, да го направиме, за да поддржиме и поттикнеме прекугранична соработка на бизнисот“, рече Марија Бошковска-Јанковски. 

Розен Бел, претседателка на Форумот на корпоративни регистри, рече дека предизвикот на Конференцијата е делегатите да запишат една или две идеи од другите држави и секако, да ги применат во сопствените регистри.

Во петте дена на одржувањето на Конференцијата, делегатите освен тоа што ќе имаат работни сесии со колегите од целиот свет, ќе имаат можност да се запознаат и со убавините на Скопје и Охрид.

Делегатите на Форумот прв пат се состанаа во Окленд, Нов Зеланд, во 2003 година. 

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.