Husamedin Gina
22 Септември 2021•Ажурирај: 23 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за финансии на Северна Македонија, Фатмир Бесими, истакна дека сивата економија го нарушува интегритетот на целиот даночен систем и влијае штетно на буџетот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за финансии и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) денеска организираа дебата посветена на детектирањето и намалувањето на неформалната економија во земјата.
На конференцијата се обратија министерот за финансии, Фатмир Бесими, вицепремиерот за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, како и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Во своето обраќање министерот Бесими нагласи дека неформалната економија претставува еден важен индикатор за здравјето на една економија.
Нагласувајќи дека помала неформална економија значи поздрава економија, Бесими рече дека борбата против неформалната економија е клучна во развојот на економијата во општеството

„Знаеме дека сивата економија го нарушува интегритетот на целиот даночен систем, влијае штетно и на буџетот и на наплатата на приходите. Со тоа ги скратува средствата за инвестиции во подобро и поквалитетно здравство, образование и други услуги на граѓаните“, нагласи Бесими.
Меѓу другото, министерот за финансии додаде дека ќе се подготви студија за утврдување на клучните причини за неформалната економија.
Вицепремиерот за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, наведе дека сивата економија директно влијае на поткопувањето на даночниот систем и ја нарушува конкурентноста во бизнис-секторот.
„Самиот факт што субјектите кои на незаконски и нечесен начин гледаат предност во заобиколувањето на правилата на државата и на законите, сивата економија претставува потенцијален извор и на корупција“, нагласи министерот Николовски.
Николовски, исто така рече дека сѐ додека има субјекти кои се дел од овој неформален сектор, ќе има пари со кои ќе се поткупуваат медиуми, судии, обвинители.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, потсетувајќи дека Владата креира шест пакети за финансиска поддршка на стопанството и граѓаните со цел полесно премостување на кризата од коронавирусот, рече дека не било лесно да се креираат мерки кои ќе ги таргетираат вработените во неформалната економија, бидејќи во реалност не се видливи, не се дел од системот.