Şenhan Bolelli
02 Декември 2019•Ажурирај: 03 Декември 2019
МАДРИД (АА) - Конференцијата на Обединетите нации (ОН) за климатските промени 2019. (COP25) започна во Мадрид со учество на претставници од 196 земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
COP25 има задача да го утврди правилното имплементирање на Конвенцијата за климатски поромени на ОН и Парискиот договор.
Конференцијата, којашто се организира под мотото „Време е за делување“, првобитно требаше да се одржи во Чиле, но поради случувањата во таа земја решено е да се одржи во Шпанија.
На Конференцијата говореше претседавачката со Конференцијата, министерката за животна средина на Чиле, Каролина Шмидт.
„Во Чиле и во остатокот на светот се соочуваме со кризи кои се однесуваат на животната средина и на општеството. За да ги решиме, треба да се вратиме кон вредностите кои нè обединуваат како општество. „Време за делување“ всушност не е мото, туку потреба да се сноси економска, општествена и морална одговорност“, смета Шмит.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, смета дека активностите за запирање на климатските промени не се доволни.
Нагласи дека глобалното затоплување е дојдено до точка од која не е можно враќање.
„Мораме да ја запреме војната против природата“, потенцираше Гутереш.
Тој потсети дека глобалното затоплување и нивото на морињата достигнале рекорд во последните пет години, дека глечерите се топат, а биодиверзитетот е во опасност.
„Загаденоста на воздухот поврзана со климатските промени предизвика смрт на седум милиони луѓе. Човештвото се бореше против природата, а сега се наоѓа пред напад“, рече Гутереш.
Еден од учесниците на Конферецијата е и турскиот министер за животна средина и урбанизам, Мурат Курум, кој на маргините на Конферецијата се состана со Гутереш.
Земјите кои учествуваат на COP25, во текот на Конференцијата, која ќе трае до 13 декември, истакнуваат дека е неопходно да се говори за ветувањата за исполнување на обврските пропишани со Парискиот договор од 2015 година, додека активистите сметаат дека тоа нема да биде доволно и дека е потребно да се донесат нови одлуки.
Учество на Конференцијата најави и 16-годишната шведска активистка Грета Тунберг, која со катамаран ќе го мине Атлантскиот Океан и утре ќе допатува во Португалија.
Се очекува младата активистка да се сретне со градоначалничката на Лисабон, Фернанда Медина, а потоа од Лисабон во Мадрид да пристигне со воз или со електричен автомобил.