Cüneyt Karadağ
02 Декември 2019•Ажурирај: 03 Декември 2019
БЕРЛИН (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, порача дека членот 5 е јадрото на НАТО, а евентуален напад врз членка на НАТО би претставувал напад врз целата Алијанса, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг во изјава за германскиот ТВ-канал 1 (ARD) се осврна на коментарот на претседателот на Франција, Емануел Макрон, за членот 5 од статутот на НАТО.
„Членот 5 е јадрото на НАТО. По тоа следува размислувањето: сите за еден, еден за сите. Доколку се знае дека напад од страна на потенцијалните непријатели претставува напад врз целата Алијанса, тогаш не би имало напад врз унијата бидејќи во таков случај целата Алијанса би возвратила. Сите заедно претставуваме најмоќна воена сила на светот. Членот 5 претставува обврска од договорот. Очекувам Франција и сите останати сојузници да застанат во заштита на тој член.“
Столтенберг упати повик за единство и покрај различните размислувања во Алијансата, истакнувајќи дека и пораката што ќе излезе од Самитот на НАТО во Лондон очекува да биде во таа насока.
„Од Самитот во Лондон ќе биде испратена порака дека сме еден покрај друг и покрај различните ставови во трговијата, климатските промени, вклучувајќи ја тука и состојбата во северните делови на Иран и Сирија. Потребно е да се браниме и заштитуваме меѓусебно по клучните прашања. Во еден ваков период на недоверба, расте значењето на силните и плуралистички институции како што е НАТО. Ние сме 29 различни земји со различни партии, влади, перспективи и проблеми, но се согласуваме во клучната порака: ние стоиме заедно“, истакна Столтенберг.
Макрон на 6 ноември даде интервју за списанието „Економист“ (The Economist), во кое го критикуваше НАТО, изјавувајќи дека Алијансата има мозочна смрт.
На прашањето упатено до Макрон „Дали верува во опстојувањето на членот 5 од Договорот на НАТО, според кој напад врз една членка на Алијансата претставува напад кон сите членки и предвидува заедничка одбрана“, претседателот на Франција, Емануел Макрон, одговори: „Не знам“.