Senada Ibraimova
18 Октомври 2016•Ажурирај: 19 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје се одржа национална конференција на темата „Градење култура на соживот: Соработка помеѓу граѓанските организации и локалната самоуправа како фактор за развој на меѓуетничкиот дијалог“ на којашто со воведни излагања се обратија шефот на делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар и директорката на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Весна Бабиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Главната цел на конференцијата е промовирање дискусија, градење синергија и подигнување на свеста за добрата практика во поттикнувањето на соработката меѓу заедниците.
- Жбогар: Фер кампања и кредибилни избори за излез од политичката криза
Во воведното обраќање на шефот на делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар, тој рече дека за секое мултиетничко и мултикултурно општество, од клучна важност е разбирањето на позицијата на другите и да се работи со цел да се најде заедничка основа за меѓусебно разбирање и додаде дека политичките лидери и лидерите на заедниците имаат витална улога во насочувањето, поттикнувањето и градењето доверба меѓу заедниците.
„Парламентот вчера реши да се распишат избори, кои ќе се одржат на 11 декември. Овие избори можат да ја извадат државата од политичката криза под услов кампањата да биде фер и под услов изборите да бидат кредибилни. Но, исто така, под услов кога новата влада ќе ја преземе функцијата да побара итно, искрено спроведување на реформските приоритети. Меѓу нив се и односите меѓу заедниците и спроведувањето на Рамковниот договор“, порача Жбогар.
Директорката на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Весна Бабиќ, во своето воведно обраќање истакна дека заедниците што се политички организирани имаат поголемо влијание во донесувањето на одлуките и креирањето политики во општинските совети и комисии за односи меѓу заедниците. Таа рече и дека по осамостојувањето на Македонија се појавија повеќе граѓански здруженија на заедници со цел за негување на својот идентитет, јазик, култура и традиција.
Според Бабиќ, членовите на ваквите здруженија се доживуваат себеси како посебна категорија и сметаат дека треба да добијат посебен статус.
„Од повеќе направени анализи се наметнува заклучокот дека се соочени со повеќе внатрешни и надворешни предизвици и со потребата за подобрување на нивните организациски, институционален и професионален развој“, истакна Бабиќ и додаде дека здруженијата најчесто немаат обезбедени средства за покривање на оперативните трошоци, како што се канцеларии, опрема и технички персонал.
Оваа целодневна конференција ќе служи како отворен форум за дијалог меѓу корисниците на грантот, локалната самоуправа и останатите чинители што работат на полето на меѓуетничките односи. Корисниците на грантот се од програма на ИПА за поддршка на граѓанското општество и медиумите за 2014 година.
Во рамките на конференцијата ќе се одржат две панел-дискусии. На првата панел-дискусија на тема „Општествено-културни карактеристики на општините и развојот на меѓуетничките односи“ ќе се обратат претставници од урбаните и руралните мултиетнички општини, додека на втората панел-дискусија на темата „Граѓанскиот сектор како проактивен чинител во поддршката на меѓуетничкиот соживот“ ќе се обратат претставници од граѓанскиот сектор.