Bekim Laci
27 Април 2016•Ажурирај: 27 Април 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје започна со работа дводневната регионална конференција на тема „Мониторинг на насоките на ЕУ за поддршка на граѓанското општество во земјите од проширувањето”, проект организиран од страна на регионалната техничка поддршка за граѓанските организации (ТАКСО), финансиран од страна на Европската унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на проектот, според организаторот на конференцијата, е зајакнување на граѓанското општество во земјите од Западен Балкан и Турција, за што ЕУ одвои 10,5 милиони евра.
Никола Бертолини, шефот на Одделот за граѓанско и социјално вклучување во ЕУ, во својата изјава за новинарите рече дека оваа конференција ќе го мери напредокот на невладините организации во Западен Балкан и Турција во оние точки кои претставуваат фундаментални принципи на ЕУ.
„Крајниот резултат кон кој ние се стремиме е да се има здрава правна средина која ќе им овозможи на невладините организации подобра активност, да имаат подобра финансиска поддршка од државата и владата и да имаат закони и механизми кои ќе ги вклучат невладините организации со цел да бидат поодговорни кон граѓаните и нивните потреби”, рече Бертолини.
Шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, Мартин Клаук, од своја страна рече дека организациите со граѓански префикс се важни за секоја земја, бидејќи освен како даватели на услуги ја играат улогата на мониторинг во спроведувањето на политиките во државата и во истовреме придонесуваат за напредокот на земјата кон ЕУ.
„Невладините организации во реонот се соочуваат со проблеми од финансиска и правна природа и затоа оваа конференција ќе биде добра можност за размена на мислења и искуства за подобрување на нивната состојба”, рече тој.
За време на конференцијата меѓу другото, учесниците ќе дискутираат за нивните можности да дадат придонес во извештаите на ЕУ за напредокот на земјите од Западен Балкан со цел подобрување на забелешките од претходните извештаи.
Ова е трета конференција која е организирана од страна на ТАКСО. Првата се одржа во Тирана во 2014 година, а минатата година се одржа во Белград.