Ekip
10 Август 2020•Ажурирај: 11 Август 2020
ПАРИЗ
Вчера беше одржана меѓународна виртуелна донаторска конференција, која ја предводеше францускиот претседател Емануел Макрон, а чија цел беше да се собере помош за Бејрут, главниот град на Либан, во кој минатата недела се случи силна експлозија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Земјите кои учествуваа на конференцијата ветија 250 милиони евра помош. Елисејската палата соопшти дека Франција ќе донира помош во висина од 30 милиони евра.
Многу светски лидери преку видеоконференција учествуваа на состанокот вчера попладне, а претседателот на Франција се вклучи од јужниот дел на земјата, каде се наоѓа на одмор.
Две силни експлозии го потресоа пристаништето во Бејрут во вторникот, откако избувна пожар во магацин во којшто неправилно беа складирани 2.750 тони амониум нитрат.
Најмалку 158 лица загинаа, а околу 6.000 се повредени. Околу 300.000 луѓе останаа без покрив над главата.
Многу земји ширум светот, вклучително и Турција, испратија помош во Бејрут. Експлозијата во главниот град на Либан предизвика штета која се проценува на неколку милијарди долари.