Целта e трговијата меѓу Турција и Африка за 2025 година да достигне 40 милијарди долари
Говорејќи на 5. Бизнис и економски форум Турција-Африка во Истанбул, Болат истакна дека настанот се одржува во време на глобална неизвесност, протекционистички трговски политики и предизвици за мултилатералниот трговски систем.

ИСТАНБУЛ (АА) – Трговијата меѓу Турција и Африка надмина 37 милијарди долари во 2024 година, а целта за 2025 година е да достигне 40 милијарди долари, изјави денес турскиот министер за трговија Омер Болат, јавува Анадолу.
Говорејќи на 5. Бизнис и економски форум Турција-Африка во Истанбул, Болат истакна дека настанот се одржува во време на глобална неизвесност, протекционистички трговски политики и предизвици за мултилатералниот трговски систем.
„Многу сме задоволни што ги развиваме нашите односи со сите земји од африканскиот континент на економски, трговски, културен и социјален план – на фер и рамноправна основа, со принципот 'вин-вин' и ќе продолжиме уште посилно со тие политики“, рече Болат.
Тој посочи дека вкупниот обем на трговијата меѓу Турција и Африка е зголемен повеќе од седумпати од 2003 година, додавајќи дека турските градежни компании реализирале 2.043 проекти во африканските земји, во вредност од речиси 100 милијарди долари, придонесувајќи за развојот на инфраструктурата на континентот.
Болат нагласи дека „Туркиш ерлајнс“ поврзува повеќе од 40 африкански земји со остатокот од светот преку Истанбул, со летови кон 62 дестинации низ континентот.
Исто така, тој потсети дека Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и други турски организации продолжуваат со спроведувањето на голем број културни, социјални и хуманитарни проекти низ Африка.
„Речиси 3.000 бизнисмени од африканските земји се регистрираа и дојдоа за да присуствуваат на форумот. Илјадници турски бизнисмени, исто така, ќе бидат тука и ќе се сретнат со африканските колеги“, рече Болат.
„Ќе има панели за повеќе од седум важни теми. Шестмина турски колеги министри ќе учествуваат на панелите денес и утре и подготвени се за билатерални деловни средби со вас. Покрај тоа, во некои земји ќе се одржат деловни форуми“, додаде тој.
Форумот, кој се одржува на 16 и 17 октомври во Истанбулскиот конгресен центар, е организиран од Советот за надворешни економски односи (DEIK) во соработка со Африканската унија (АУ) и под покровителство на турското Министерство за трговија.
Во текот на дводневниот форум ќе се одржат панели на теми, како што се финансирање на инфраструктурата во Африка, фармацевтската индустрија и медицинските материјали, енергијата и рударството, логистичките центри, женското лидерство и претприемаштво, безбедноста на храната, енергија и рударство, соработка во цивилното воздухопловство и дигитална трговија и производство.
Агенција Анадолу е глобален комуникациски партнер на форумот.