Gökhan Ergöçün
10 Септември 2018•Ажурирај: 11 Септември 2018
АНКАРА (АА) - Турција, според стапката на раст на бруто домашниот производ (БДП), во вториот квартал од 2018 година е на прво место меѓу земјите членки на Организацијата за економска соработка и развој - ОЕЦД (OECD), a на второ место во Европа, пишува Anadolu Agency (AA).
Турскиот Институт за статистика денес објави дека турската економија во периодот април - јуни остварила раст од 5,2 отсто.
Со овој процент, Турција се рангираше на прво место меѓу земјите членки на ОЕЦД кои ги објавија своите податоци за раст.
По Турција следуваат Полска и Чиле (со раст од 5 отсто), Унгарија (4,6 отсто) и Латвија (4,4 отсто), според податоците собрани од дописникот на АА.
Стапката на просечен раст на земјите членки на ОЕЦД во вториот квартал изнесуваше 2,5 отсто, во однос на истиот квартал во 2017 година.
Од друга страна, најниски стапки на раст имаат Данска (0,6 отсто), Јапонија (1 отсто) и Италија (1,2 отсто раст).
Во првиот квартал од 2018 година, Ирска беше прва меѓу 36-те земји членки на ОЕЦД со стапка на раст од 10 отсто, додека Турција беше на второ место со 7,3 отсто.
Сметајќи ги и 28-те земји членки на Европската Унија (ЕУ), Турција е на второ место по Малта, чиј БДП во вториот квартал порасна за 5,7 отсто во споредба со претходната година. Полска, Унгарија и Латвија следуваат по Малта и Турција.
Во истиот период, најспоро растечки земји од блокот 28 земји членки на ЕУ беа Данска (0,6 отсто), Италија (1,2) и Велика Британија (1,3 отсто).
Економиите на земјите од еврозоната и останатите земји членки на ЕУ во периодот април - јуни остварија раст од 2,1 отсто, во споредба со истиот период минатата година.
За споредба, просечната стапка на раст на земјите од Северноамериканскиот договор за слободна тровија (NAFTA) за вториот квартал изнесува 2,7 отсто.
Стапката на раст на бруто домашниот производ (БДП) на Турција во 2017 изнесуваше 7,4 отсто.