Турција и Северна Македонија потпишаа нов Протокол во рамки на Договорот за слободна трговија
- Протоколот го потпишаа министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, и турскиот амбасадор во Скопје, Фатих Улусој
СКОПЈЕ (АА) - Турција и Северна Македонија потпишаа нов протокол за правилата за потекло како дел од Договорот за слободна трговија меѓу двете земји, јавува Анадолу.
Протоколот го потпишаа министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, и турскиот амбасадор во Скопје, Фатих Улусој.
„Протоколот ги хармонизира правилата за потекло со Пан-евро-медитеранската конвенција, создавајќи подобрени трговски услови, поголема конкурентност и поедноставни извозни процедури“, нагласи Муцунски на социјалните мрежи, додавајќи:
„Овозможува дијагонална акумулација на потеклото за компоненти, суровини и влезни материјали што се користат во производството за извоз на двата пазара. Подобри трговски услови и поедноставен извоз за македонските компании.“
- „Продолжуваме со нашите напори за подигнување на соработката на повисоко ниво“
Во меѓувреме, од турската Амбасада во Скопјe се наведува дека регулативата има за цел да ги поедностави правилата во врска со утврдувањето на потеклото на стоките со кои тргуваат Турција и Северна Македонија и позитивно да придонесе за меѓусебната трговија.
„Се надеваме дека оваа регулатива ќе придонесе за нашата трговија и му се заблагодаруваме на министерот Тимчо Муцунски за организирањето на оваа прекрасна церемонија на потпишување. Продолжуваме со нашите напори за подигнување на соработката меѓу Турција и Северна Македонија на повисоко ниво“, соопшти турската Амбасада во Скопјe.
Договорот за слободна трговија меѓу Турција и Северна Македонија беше потпишан на 7 септември 1999 година.
Иако обемот на трговијата меѓу Турција и Северна Македонија е околу 1 милијарда долари, целта е овој обем да се зголеми на 2 милијарди долари.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
