Шефот на македонската дипломатија најави нова фаза во економските односи со Обединетите Арапски Емирати
- Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, најави нова фаза во економските односи со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), со цел изградба на „специфично и посебно партнерство“
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, најави нова фаза во економските односи со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), со цел изградба на „специфично и посебно партнерство“, пренесува Анадолу.
Говорејќи во една емисија на МТВ 1, Муцунски изјави дека постои сериозен интерес од ОАЕ за инвестирање во земјата, како и активен институционален дијалог за подготовка и склучување два значајни договори, договор за стратешко партнерство и договор за слободна трговија.
Тој нагласи дека договорот за стратешко партнерство ќе ги олесни меѓусебните инвестиции, додека договорот за слободна трговија ќе придонесе за зајакнување на економската и трговската соработка меѓу двете земји.
Според Муцунски, интересот од страна на ОАЕ е конкретен, а можностите за финансирање постојат, при што портфолиото на потенцијални проекти е широко.
- „Владата има јасна цел за подобрување на животниот стандард на граѓаните“
Тој додаде дека Владата, заедно со надлежните институции, пристапува внимателно и одговорно кон реализацијата на овие договори.
Министерот истакна дека Владата има јасна цел за подобрување на животниот стандард на граѓаните преку привлекување странски инвестиции и поддршка на домашните компании.
Како потврда за сериозноста на разговорите, Муцунски го посочи своето неодамнешно учество на затворениот форум „Сир бани Јас“ во Обединетите Арапски Емирати, каде што, како што нагласи, бил првиот министер за надворешни работи од земјата поканет да учествува.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
