Tuba Şahin,Gökhan Ergöçün,Aysu Biçer
16 Март 2021•Ажурирај: 17 Март 2021
АНКАРА (АА) - Новиот пакет економски реформи на Турција има за цел да ги привлече одложените инвестиции, изјави денес турскиот министер за трезор и финансии Лутви Елван, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Глобалните инвестиции се намалија за над 40 отсто во периодот на пандемијата. Ние се соочуваме со одложена побарувачка“, рече Елван при гостувањето во Уредничкиот деск на АА во главниот град Анкара.
Тој истакна дека Турција има значителни предности во привлекувањето инвестиции со пакетот реформи.
„Пакетот ќе ја зголеми предвидливоста и ќе ја направи земјата попривлечна за директните и портфолио-инвестициите“, нагласи тој.
Говорејќи за напорите за објаснување на пакетот-реформи на странците, Елван рече дека информации за Пакетот биле побарани од многу земји и од нивните амбасади.
„Ќе се собереме заедно со амбасадорите на земјите членки на ЕУ и групата Г20, како и со странските инвеститори, за да ги споделиме деталите за агендата на реформите“, рече Елван.
Објавен од претседателот Реџеп Таип Ердоган минатиот петок, Пакетот економски реформи вклучува неколку мерки, како намалување на уделот на девизи во вкупниот долг и воспоставување нови механизми, имено Претседателство на здравствените индустрии, Претседателство на софтвер и хардвер-индустрии, Совет за економска координација и Комисија за финансиска стабилност.
- Инфлација -
Истакнувајќи дека светот е среде брзи промени и трансформации, Елван рече дека Турција ќе го прошири својот удел во глобалниот синџир на набавки со својата стратешка локација и силните човечки ресурси.
„Реформите ќе ѝ помогнат на Турција да ја искористи оваа можност“, нагласи тој.
Во однос на инфлацијата, Елван истакна дека ќе биде потребен холистички пристап, вклучување монетарни, фискални и структурни политики за да се постигне целта на Владата за нејзино намалување на едноцифрен број.
Додаде дека главната функција на неодамна основаната Комисија за стабилност на цените е да развива решенија за избегнување шокови во ланецот на снабдување што наметнува инфлациски ризик.
„Проблемите поврзани со шоковите во снабдувањето не можат да се решат со монетарните политики“, потенцираше министерот Елван.
- Финансиски технологии -
Министерот при гостувањето во Уредничкиот деск на АА рече дека финансиските технологии се важни за младите и дека Турција ќе постави Мапа на патот на ова поле и ќе формира финансиско-технолошка база во рамките на Истанбулскиот финансиски центар, што во моментот е во изградба.
Тој укажа на неверојатниот потенцијал на земјата во финансиската технологија и рече дека тој треба да се искористи.
Во врска со новата технологија во последната деценија, како што е блокчејн, што ги забрза напорите на централните банки за дигитализација на парите, Елван истакна:
„Турција работи на дигитална валута поврзана со турската лира, за која во моментов се подготвува технолошка, правна, економска и финансиска инфраструктура.
- Фискална дисциплина -
Турскиот министер за финансии, исто така, нагласи дека буџетската дисциплина е исклучително важна во јавните финансии.
„Во последните години има мало зголемување на буџетскиот дефицит“, рече Елван, додавајќи дека Владата презема мерки, особено во јавните финансии.
Укажувајќи на чекорите преземени и од централната и од локалната власт во Турција за поддршка на групите со ниски примања, Елван истакна дека ќе биде од клучно значење ефективно да се обезбеди оваа поддршка и да стигне до оние на кои им е потребна.
Тој исто така рече дека Турција ќе ја зголеми поддршката за истражување и развој за нејзина зелена трансформација, додавајќи дека Владата е свесна за потребите од зголемување на нејзиниот удел во „зелените финансии“.
Турскиот министер истакна дека зелената трансформација во индустријата ќе биде во преден план за алокациите на заемите и поддржаните проекти, особено во наредниот период.
„Сакаме да формираме зелени индустриски зони“, рече Елван, додавајќи дека отпадот повторно ќе се рециклира во економијата.