економија

Промовирана нова мерка за раст на платите во Македонија

„Станува збор за мерка со која државата ќе обезбеди директна финансиска поддршка од 30 проценти од растот на бруто платата на работниците во трудоинтензивните дејности", истакна Заев

Admir Fazlagic  | 01.05.2018 - Обновена : 02.05.2018
Промовирана нова мерка за раст на платите во Македонија (Foto: Vedat Abdul / AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Македонија денеска одржа седница на Економско-социјалниот совет на која присуствуваше премиерот Зоран Заев, заедно со министрите за труд и социјална политика и за финансии, Мила Царовска и Драган Тевдовски, јавува Anadolu Agency (AA).

Честитајќи го 1. Мај - Денот на работниците, премиерот Заев информираше за најновата мерка со која, како што рече, дополнително се засилува спиралата на раст на платите за работниците во Македонија.

„Станува збор за мерка со која државата ќе обезбеди директна финансиска поддршка од 30 проценти од растот на бруто платата на работниците во трудоинтензивните дејности. Мерката ќе се однесува за исплата на покачени плати до 18 илјади денари. Околку 15 илјади компании и 50 илјади работници од прилика, ги исполнуваат обврските за исполнување на оваа мерка", рече Заев.

Премиерот Заев додаде дека поддршката ќе биде обезбедена за исплата на повисоки плати на работници кои работат во мали бизниси, коишто се занимаваат со трговија, како малопродажни дуќани и продавници, мали услужни бизниси како занаетчиските работилници и други дејности од областа на здравството како што се здравствената заштита, стоматологијата, општата медицина, но и текстилот, кожарска индустрија и друго.

Министерката за труд и социјална политика на Република Македонија Мила Царовска рече дека синдикатите денеска достоинствено и симбилично го одбележале празникот Први мај на улиците, додавајќи дека без социјален дијалог не може да се зборува за унапредување на работничките права.

Таа потсети дека Владата ги усвоила измените на Законот за работни односи кои ги унапредуваат праата на работниците, но и дека се работи на нов Закон за работни односи.

„Работиме на сосема нов Закон за работни односи којшто преку социјален дијалог до крја на 2018 година ќе го предложиме на Владата, а понатаму Владата ќе треба да го предложи до Парламентот со којшто очекуваме да се разрешат многу големи и горливи прашања кој што се јавуваат и кај работодавачите и кај работниците како што се технолошки вишок, вработување на определено време и слободата на синдикално здружување којашто сите ние заедно треба да ја унапредување", истакна Царовска.

Министерот за финансии на Република Македонија Драган Тевдовски, потсети дека една од првите мерки на Владата беше зголемување на минимална плата од 9.500 на 12. 000 денари. Во однос на новата мерка, тој информираше дека со неа ќе се финансира 30 отсто од порастот на бруто платата до 18 илјади денари и тоа за работници во компании кои не се корисници на други поволности.

„Ние како резултат на зголемување на минимална плата овозможивме подигнување на платите на околу 90 000 работници. Просечната плата во државава во јануари и февруари во споредба со истиот период во 2017 година е зголемена за 4,6 проценти, а ефектите најдобро се гледаат ако се видат токму оние три сектори кои имаа пониска минимална плата", рече Тевдовски.

Министерот Тевдовски додаде дека ова не е доволно, како и дека платите треба да растат за да се подигне животниот стандард на работнците.

На денешната свечена седница на Економско-социјалниот совет во Владата присуствуваа и претсавници на организацијата на работодавачи и претставници на Сојузот на синдикатите на Република Македонија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.