Handan Kazancı
11 Февруари 2022•Ажурирај: 14 Февруари 2022
ИСТАНБУЛ
Американскиот актер Морган Фриман, познат по улогите на американскиот претседател Нелсон Мандела и „гаџет-гуру“ на Бетмен, ќе биде ново лице на рекламата на турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Оскаровецот со својот препознатлив и силен глас и доверливо присуство ќе биде во најновата рекламна кампања на „Туркиш ерлајнс“, фокусирана на темата на праисторискиот суперконтинент Пангеја“, соопшти компанијата денеска.
„По успешната година на зголемена побарувачка и закрепнување за авиоиндустријата, „Туркиш ерлајнс“ започнува нова глобална рекламна кампања“, се вели во соопштението на компанијата.
„Во кампањата фокусирана околу концептот на Пангеја – кој пред милиони години беше единствен и поврзан суперконтинент – се појавува Морган Фриман кој раскажува волшебна, инспиративна порака за повторно обединување и повторно поврзување на луѓето и нивните светови“, се додава во соопштението.
Според соопштението, рекламата треба да дебитира онлајн на 10 февруари, а премиерно ќе биде прикажана на американскиот „Супербоул“ на 13 февруари, последниот плејоф натпревар на НФЛ Американската фудбалска лига која е најгледаниот спортски настан во светот.
„Концептот на кампањата оддава почит на широкото поврзување на „Туркиш ерлајнс“ како глобален авиопревозник кој лета во повеќе земји од која било друга авиокомпанија, со пораката „Сите сме поврзани“, додека светот се подготвува за светла и перспективна иднина“, се вели во соопштението на авиокомпанијата.
„Додека денес Пангеја повеќе не постои, „Туркиш ерлајнс“ се гордее што повторно ги поврзува луѓето со нивните најблиски и го поттикнува ова чувство на повторно поврзување, како глобална авиокомпанија што зближува повеќе луѓе и земји.
Во соопштението е цитиран извршниот директор на „Туркиш ерлајнс“, Ахмет Болат, кој вели: „По неколку месеци креативна замисла и производство, чест ни е да ја споделиме нашата кампања за Пангеја со Морган Фриман со светот за време на најгледаниот спортски настан на глобалниот календар.“
„Патниците се сè понадежни и ентузијасти за безбедно истражување на нови дестинации или повторно обединување со саканите, а како водечка глобална авиокомпанија, се надеваме дека ќе поттикнеме инспирација и ќе влееме доверба додека се стремиме повторно да го поврземе светот“, додаде Болат.
Фриман беше вклучен и во кампањата на авиокомпанијата во 2017 година.
„Со овој проект, Фриман повторно го позајмува својот талент на продукцијата, воодушевувајќи ја публиката со своето силно наративно присуство и иконски глас“, се додава во соопштението.
Снимањето на рекламата започна во септември минатата година, а се снимаше во Истанбул и Њујорк.
„Покрај снимките од акција во живо, рекламата содржи и компјутерски генерирани анимациски сцени кои прикажуваат континенти и копнени маси кои повторно се поврзуваат за да ја илустрираат Пангеја на фасцинантен и визуелен начин“, се вели во соопштението.
„Ова е шеста реклама на брендот што ќе биде претставена на ‘Супербоул’, еден од најгледаните спортски настани во светот. ‘Супербоул’ ќе биде пренесуван во уште 136 земји, а благодарение на овој спортски настан и глобалната кампања на ‘Туркиш ерлајнс’ ќе има медиумска презентација на малите екрани ширум светот“, се додава во соопштението.