АНКАРА (АА) - „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines) ќе отвори четири нови рути во 2020 година, проширувајќи и обновувајќи ја својата флота, истакна челникот на турскиот национален превозник, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во 2019 година ги завршивме сите процедури за да започнеме со летови кон Малабо, Екваторска Гвинеја, аеродромот „Ханеда“ во Токио, Њу Џерси и Ванкувер, Канада“, изјави Илкер Ајџи, додавајќи дека сега само ги чекаат потребните дозволи.
Покрај новите дестинации, тој соопшти дека авиокомпанијата ќе се фокусира и на фреквентноста.
„По отпочнувањето на летовите за 10 нови меѓународни рути во 2019 година, авиопревозникот ја заврши годината со летови кон вкупно 318 градови во 126 земји“, рече Ајџи.
- Новиот аеродром „Истанбул“ -
Нарекувајќи го големото преселување на авиокомпаниите во април од аеродромот „Ататурк“ на новиот голем аеродром „Истанбул“ свој најголем потег во 2019 година, Аjџи рече:
„Туркиш ерлајнс мораше да има силна инфраструктура која ќе го поддржува нејзиниот раст, со цел да ги постигне своите цели без прекини.“
Аеродромот „Истанбул“, „новото средиште на светот“, официјално беше отворен на 29 октомври 2018 година, на 95-годишнината од основањето на Република Турција.
Со целосен годишен капацитет од 200 милиони патници, со завршување на сите четири фази, со шест писти до 2028 година - аеродромот „Истанбул“ треба да стане глобален авијациски центар со кој ќе се донесат над 100 авиокомпании и летови до над 300 дестинации низ целиот свет.
Истакнувајќи дека авиокомпанијата достигнала полн капацитет кратко време по преселувањето на аеродромот „Истанбул“, Аjџи рече: „Со нашиот нов дом, кој нè натера и нас и нашите патници да ги смениме навиките, научивме повторно да чекориме, оставајќи настрана сè што знаеме.“
„Додека аеродромот „Ататурк“ не беше во можност да одговори на потребите на „Туркиш ерлајнс“ за повеќе слотови и поголем капацитет заради ограничувањата, како што е недоволниот број на писти, сега има поголем оперативен простор благодарение на аеродромот Истанбул“, рече тој.
Додаде дека третата писта којашто ќе се отвори на аеродромот „Истанбул“ во 2020 година ќе ја олесни густината на сообраќајот.
„Кога ќе се пушти во употреба третата писта, ќе биде возможно слетување и полетување на авионите на секои 43 секунди, или поточно над 2.000 авиони на ден“, додаде Аjџи.
- Проширена, обновена флота -
„Туркиш ерлајнс продолжува да ја проширува својата флота со авиони од следната генерација, заменувајќи ги постарите модели“, рече Ајџи.
До крајот на 2019 година, авиокомпанијата имаше 351 авион, вклучувајќи 98 авиони со широк труп, 229 авиони со тесен труп и 24 товарни авиони, што е проширување за разлика од 332 авиони на почетокот на годината.
„Со нашата сегашна флота се рангираме на 10-то место меѓу патничките авиокомпании на глобално ниво“, рече Ајџи.
„Меѓу првите 10, ја имаме четвртата најмлада флота“.
Тој додаде дека во 2020 година кон флотата ќе бидат додадени уште 28 авиони, истакнувајќи дека компанијата е отворена кон опциите за изнајмување.
- Зголемување на капацитетот -
„И покрај тоа што мораше да го приземји авионот „Boeing 737 Max“ и одложувањето на испораката на авионот „A321 Neo“, „Туркиш ерлајнс“ објави раст од 2,7 отсто во својот капацитет во периодот јануари-ноември 2019 година“, нагласи Ајџи.
Тоа се случи и покрај тоа што „не можевме да користиме 12 авиони од нашата флота, а испораката на 12 нови беше одложена“, објасни тој.
Најпродаваниот авион на „Боинг“, „737 Макс“, беше приземјен низ целиот свет по падот во кој загинаа стотици луѓе, што ја чинеше компанијата милијарди долари.
Во вторникот „Туркиш ерлајнс“ објави дека „Боинг“ се согласил да ги компензира загубите од приземјените и неиспорачаните авиони.
„Боинг ќе покрие некои од нашите загуби и приходите што не можеме да ги реализираме затоа што нашите приземјени авиони не ги користевме“, се вели во соопштението на авиопревозникот.
Во периодот јануари-ноември 2019 година, националниот авиопревозник опслужил 68,8 милиони патници.
„И покрај намалувањето на домашниот пазар во Турција за 11,5 отсто, ние опслуживме 28,3 милиони патници на домашните летови, зајакнувајќи го нашиот удел на пазарот за 2,5 поени“, рече Ајџи.
Бројот на патници пренесени преку меѓународните летови се зголеми за 3,5 отсто, на 40,4 милиони.
„Туркиш ерлајнс“ има 15 подружници и заеднички компании, и тоа „Turkish Technic“, „Turkish Cargo“, „Turkish Ground Services“, „Turkish Opet Aviation Fuels“ и „Sun Express“.
Во однос на работењето на „Turkish Cargo“, Ајџи рече дека компанијата продолжува да расте, додека глобалниот сектор за авионски карго се намали 3,5 отсто.
„И покрај овие неповолни услови на пазарот и тоа што моравме да ги извршуваме нашите карго-операции од два различни аеродрома, реализиравме раст од 9,5 отсто во обемот на каргото на 1,4 милиони тони“, истакна Ајџи.
„Turkish Cargo реализираше импресивни приходи во износ од 452 милиони долари во првите три квартали“, додаде тој.