ЛОНДОН (АА) - По референдумот за одвојување на Британија од Европската Унија (ЕУ), можно е да биде разнишан тронот на Лондон како најголем финансиски центар. Некои финансиски институции се загрижени поради намалувањето на пристапот до 500-милионскиот пазар во Европа и планираат да извршат структурно намалување на своите планови во Британија.
Според анализата што минатата година ја изработи групацијата З/Јен, Лондон се издигна во најголем глобален финансиски центар, оставајќи го зад себе Њујорк, но расте загриженоста околу неговата иднина. Во моментов, меѓународните финансиски фирми преку Лондон можат лесно да ги извршуваат своите операции во Европа. Но по одлуката за одвојување од ЕУ, постои ризик за можен прекин на услугите што финансиските компании им ги даваат на своите коминтенти. Затоа компаниите уште сега подготвуваат „планови за итни случаи" за надминување на можните проблеми.
За започнување на официјалните преговори за одвојување на Британија од ЕУ, потребно е премиерот на Британија во сила да го стави Членот 50 од Лисабонскиот договор на земјите-членки на ЕУ. Од друга страна, се зборува дека по оставката на досегашниот премиер на Британија, Камерон, новата британска премиерка Тереза Меј нема да брза со ставањето во сила на 50. член од Лисабонскиот договор. Се очекува тоа да се случи кон крајот на годината.
Оваа одлука создава сомнеж дека Британија сака да добие дополнително време околу преговорите за напуштање на ЕУ, бидејќи со влегувањето во сила на 50. точка, започнува двегодишниот период на одвојување од ЕУ. Британија сака пред да седне на преговарачката маса, да се сретне со земјите-членки на ЕУ и да има изработен нацрт-план за излез од ЕУ. Затоа, потребно е преговорите да започнат колку што е можно подоцна, за да може Британија и понатаму да ги користи предностите што ги носи членството. Се очекува една од главните теми на кои Британија ќе преговара со ЕУ да бидат „финансиските услуги и прописи".
Во моментов, во Британија, на финансискиот сектор му припаѓа 12 отсто од економијата на државата. Во финансискиот сектор во Британија работат околу 2,2 милиони лица, од кои 700.000 се наоѓаат во Лондон. Според податоците од Долниот дом на британскиот Парламент, почнувајќи од 2014 година, финансиските и осигурителните услуги во државната економија на Британија имаат свој придонес од околу 126,9 милијарди фунти. Британската Влада, од банките во државата, во периодот 2013-2014 година имала даночен прилив од околу 21,4 милијарди фунти.
- Финансиските институции ги проценуваат плановите за излез -
Меѓународните финансиски институции во Британија, по одлуката за излез од ЕУ, започнаа со спроведување на плановите за итни случаи. На пример, минатата недела првиот човек на компанијата „Џеј-пи Морган Чејз“, Џејми Дајмон, соопшти дека банката планира илјадници вработени од Британија да префрли во Европа, за да не дојде до прекин на финансиските услуги што банката ги нуди на нејзините клиенти од Европската унија.
Исто така, неодамна и инвестициската компанија „Стандард лајф инвестментс“, со седиште во Единбург и банката „Јунајтед оверсис“ (United Overseas Bank), која е една од најголемите банки во Сингапур, објавија дека поради Брегзит се суспендирани станбените кредити.
И висок менаџер на најголемата банка во Британија „ХСБЦ“, Стјуард Гуливер, во февруари соопшти дека доколку Британија се одвои од ЕУ, тогаш банката ќе биде приморана да префрли 1.000 вработени во Франција.
Накратко, може да се забележи дека банките во Лондон што сакаат да изработуваат долгорочни планови, се вознемирени поради настанатата ситуација.
- На ред се конкурентните финансиски центри во Европа -
По Брегзит, финансиските институции коишто се сместени во Лондон, одблиску ги следат финансиските центри, особено оние во Франкфурт, Париз, Даблин и во Луксембург. По референдумот, во британскиот финансиски центар „Канари Варф“ дошле претставници на финансиски компании, особено од Германија и од Франција, кои заткулисно разговарале со одговорните претставници околу нивните желби за напуштање на финансискиот центар.
Како пример, ирската Агенција за странски инвестиции по референдумот испратила илјадници имејл-пораки до инвеститорите, во кои се вели дека сакаат да помогнат, додека финансискиот центар во Франкфурт воспоставил посебна линија за помош на своите коминтенти кои сакаат да ги извлечат своите инвестиции надвор од Британија.
И Париз, кој е еден од најголемите финансиски центри во Европа е подготвен да им помогне на компаниите што сакаат да избегаат од Британија. Како пример, минатата недела претседателот на Централната банка на Франција, Франсоа Вилерој, на состанокот во финансискиот центар Еуроплејс изјави: „Ние ќе сторме сѐ за да се зголеми атрактивноста на Париз, како еден финансиски центар“.
Во месеците што претстојат, преговорите меѓу Британија и ЕУ ќе ја дадат насоката на финансиските институции кон Лондон и ќе бидат утврдени долгорочни планови. Позначајна работа од брзиот одговор на пазарот е довербата што меѓународните финансиски институции треба да ја почуствуваат во Лондон. Постои голема веројатност дека поради продолжувањето на преговорите, т.е. периодот на немање решение, компаниите, заради намалување на неизвесноста, своите операции ќе ги пренасочат кон алтернативните финансиски центри во Европа.