Faisal Mahmud
03 Јуни 2026•Ажурирано: 03 Јуни 2026
Тропската бура Џангми, во Јапонија позната како Тајфун бр. 6, рано утрово го погоди копното во јужниот дел на префектурата Вакајама, носејќи поројни дождови, силни ветрови и опасност од поплави во голем дел на Централна и Источна Јапонија, јавуваат локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Бурата стигна до копното во близина на јужниот брег на Вакајама, а потоа продолжи да се движи во правец североисток по должината на тихоокеанскиот брег на земјата, јави „Џапан тајмс“ (Japan Times).
Јапонската метеоролошка служба издаде предупредување за поплави од Ниво 5, кое ретко го издава, што е највисок степен на тревога за подрачјата погодени од излевање на реките и сериозни поплави.
Во Вакајама беше пријавено поплавување по должината на реката Коза, што доведе до издавање на итнo предупредувањe, а подоцна властите го намалија нивото на тревога бидејќи состојбата постепено се подобри.
И покрај тоа, надлежните служби апелираа до жителите да останат максимално внимателни поради тековните опасности од надојдените реки, појавата на свлечишта и најавените дополнителни врнежи од дожд.
Влијанието на Џангми се прошири и подалеку од Западна Јапонија. Стотици летови беа откажани, железничкиот сообраќај беше во прекин или се одвиваше со задоцнување, а беа издадени и препораки за евакуација на жителите во повеќе префектури, јави новинската агенција „Кјодо“.
Големите производители, вклучително и автомобилските компании, привремено го прекинаа производството како мерка на претпазливост поради невремето.
Прекините во снабдувањето со електрична енергија погодија десетици илјади домаќинства како последица на силните ветрови што ја зафатија земјата.
Бурата, која претходно помина преку Окинава, по навлегувањето на копното е со намален интензитет, но продолжи да се движи кон поширокиот регион на Токио.
Метеоролозите предупредуваат дека интензивните врнежи од дожд би можеле да продолжат и во текот на утрешниот ден, со што се зголемува ризикот од поплави и други катастрофи предизвикани од временските непогоди низ Источна Јапонија.